Магазин

Како поместувањето на часовникот влијае врз менталното и физичкото здравје?

Како поместувањето на часовникот влијае врз менталното и физичкото здравје?

Со преминот на зимското сметање на времето, часовниците се поместија еден час наназад, а промената на биолошкиот ритам, во комбинација со помалата изложеност на дневна светлина, кај некои луѓе може да ги засили заморот и симптомите на сезонската депресија. Организацијата „Change Mental Health“ советува одржување редовна дневна рутина, престој на дневна светлина и физичка активност.

Поместувањето на часовникот може да го наруши внатрешниот биолошки ритам на организмот и да влијае врз спиењето, расположението и секојдневните навики. Иако промената од еден час може да изгледа незначителна, на телото му е потребно време да се приспособи на новиот распоред за спиење и будење, предупредуваат од „Change Mental Health“.

Со поместувањето на часовникот еден час наназад во есенскиот период се добива дополнителен час, но тоа не значи дека организмот веднаш ќе се приспособи на промената. Нарушувањето на внатрешниот биолошки часовник, познат како деноноќен или циркадијален ритам, може да предизвика проблеми со спиењето и зголемена поспаност. Некои луѓе потешко се приспособуваат на промената, особено ако веќе имаат одредени здравствени проблеми.

Пократките денови можат да влијаат врз расположението

Промената на времето се совпаѓа со периодот од годината кога деновите стануваат сè пократки, а природната светлина е сè помалку застапена. Ова може да биде особено тешко за лицата кои имаат сезонско афективно нарушување, односно форма на депресија чии симптоми можат да се засилат во текот на есента и зимата.

Помалата изложеност на дневна светлина може да биде проследена со промени во расположението, недостиг на енергија, тага и замор. Пораното заоѓање на сонцето и пократкиот период на дневна светлина можат да влијаат и врз социјалниот живот, бидејќи луѓето поминуваат помалку време надвор и почесто се повлекуваат во своите домови. Кај некои тоа може да го засили чувството на осаменост и изолираност.

Нарушувањата на спиењето и промените во биолошкиот ритам можат да бидат поврзани и со симптоми на депресија. Сепак, тоа не значи дека поместувањето на часовникот ќе предизвика проблеми со менталното здравје кај сите луѓе, туку дека одредени лица може да бидат почувствителни на оваа промена.

Како полесно да се приспособиме на промената на времето?

Организацијата „Change Mental Health“ издвојува неколку навики кои можат да помогнат во зачувувањето на менталното здравје и полесното приспособување на зимското сметање на времето.

Важно е да се одржува редовен распоред на спиење и оброци, бидејќи доследната дневна рутина му помага на организмот да го регулира внатрешниот биолошки часовник.

Се препорачува и престој на дневна светлина, дури и кога станува збор за кратка прошетка во текот на денот. Природната светлина може да помогне во регулирањето на деноноќниот ритам и подобрувањето на расположението.

Физичката активност, исто така, може да придонесе за подобро расположение и повисоко ниво на енергија. Покрај тоа, важно е да се одржуваат контактите со пријателите и семејството за да се намали чувството на осаменост во периодот на пократки денови.

Доколку промената на времето предизвикува стрес или зголемена анксиозност, може да помогнат техники за релаксација, како што се длабокото дишење, медитацијата и практикувањето свесна присутност.

Иако поместувањето на часовникот не влијае подеднакво врз сите луѓе, одржувањето редовна дневна рутина, престојот на дневна светлина и физичката активност можат да помогнат во зачувувањето на психофизичката благосостојба во периодот на преминот кон зимското сметање на времето.

Ноќно студио

Најнова епизода

Петровска: Побаравме оставка од Филипче, нема разлика во цената за „Леонардо“ | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни