Претседател на избирачка комисија во селото Изгрев, во општина Царево, во близина на Бургас, е разрешен од должност откако било пријавено дека на работа се појавил под дејство на алкохол. Инцидентот се случил за време на денешните претседателски избори во Бугарија, јавува Бугарската национална телевизија (БНТ).
Според информациите, до Регионалната изборна комисија во Бургас пристигнала телефонска пријава дека претседателот на избирачката комисија бил во алкохолизирана состојба уште за време на превозот на членовите на комисијата до избирачкото место.
По добиената пријава, претставници на регионалната комисија извршиле проверка, при што утврдиле дека мажот се однесувал несоодветно и покажувал целосна незаинтересираност за изборниот процес.
Дополнително, при проверката било утврдено дека претседателот внел алкохол и во просторијата во која се спроведува гласањето.
При разговорот со членовите на контролната комисија, мажот одговарал на поставените прашања, но проверувачите забележале дека неговиот говор бил нејасен и отежнат, што дополнително ги засилило сомнежите дека бил под дејство на алкохол.
Поради утврдените неправилности, Регионалната изборна комисија во Бургас донела одлука за негово итно разрешување од функцијата и поништување на издаденото уверение за претседател на избирачката комисија.
На негово место е назначен нов претседател, а истовремено е извршена и промена на позицијата заменик-претседател.
Инцидентот е регистриран за време на претседателските избори во Бугарија, кои се одржуваат денеска, 25 октомври. Според првичните информации од изборните власти, гласањето во најголемиот дел од земјата започнало без поголеми проблеми.