Општина Центар продолжува со изрекување казни за угостителските објекти што ги надминуваат дозволените нивоа на бучава, но дел од санкциите завршуваат на суд, каде што казните значително се намалуваат. Ова го откри градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, посочувајќи дека општината веќе поднесува жалби и против судските одлуки со кои се намалуваат изречените казни.
Прашањето беше отворено во контекст на бројните реакции и протести на жителите во близина на угостителскиот објект „Интермецо“, кои во повеќе наврати се жалеа на прекумерна бучава и нарушување на јавниот ред и мир.
Герасимовски тврди дека општината не ги исцрпила можностите за постапување и дека инспекциските служби продолжуваат со контроли и санкционирање.
„Не, и ние продолжуваме со пишување казни. Поставивме мерачи за бучава“, изјави Герасимовски.
Тој објасни дека мерните уреди се поставени во Дебар Маало, вклучително и во близина на „Интермецо“, со цел да се опфатат повеќе угостителски објекти. Според него, мерењата регистрираат постојано зголемени нивоа на бучава, поради што инспекторите редовно излегуваат на терен.
Градоначалникот посочи дека се изрекуваат високи парични казни, но угостителите ги оспоруваат, по што судовите често ги намалуваат износите.
„Се пишуваат високи казни, но за жал ги обжалуваат и плаќаат пониски суми, па ние ги обжалуваме и судските решенија. Значи, до таму сме стигнати“, рече Герасимовски.
На дополнителното прашање дали општинските решенија паѓаат пред судовите, тој појасни дека не станува збор за нивно целосно укинување, туку за преиначување на санкциите.
„Не паѓаат, туку ги преиначуваат судовите и ја ставаат казната многу, многу пониска. За жал, и тука интервенираме и поднесуваме жалби на нивните одлуки“, нагласи градоначалникот.
Покрај инспекциските контроли, Општина Центар организира и редовни состаноци со дел од угостителите, на кои се разговара за нивното работење во ноќните часови и почитувањето на правилата.
„Продолжуваме со нашите инспекциски служби на терен и имаме и редовни состаноци каде што ги викаме дел од угостителите за да ги вразумиме во делот на нивното постапување во ноќните часови“, изјави Герасимовски.
Тој не прецизираше кога ќе биде следната инспекциска контрола, нагласувајќи дека таквите активности нема однапред да се најавуваат.
Изјавите на Герасимовски го отвораат и прашањето за ефективноста на казнената политика во случаите на прекумерна бучава, особено кога првично изречените санкции се намалуваат во судска постапка, додека жителите и натаму бараат решение за нарушениот ноќен мир.