Македонија

Предлог-закон за јавната администрација: Ќе се бара двотретинско мнозинство

Предлог-закон за јавната администрација: Ќе се бара двотретинско мнозинство

Предлог-законот со кој треба да се уредат структурата и функционирањето на јавната администрација ќе треба да биде донесен со двотретинско мнозинство.

Јавната администрација веќе две децении е во дисфункционалност, опишана како фрагментирана и претворена во мозаик од институционални феуди, при што граѓаните често се соочуваат со префрлање на одговорноста меѓу институциите.

Ресорниот министер Минчев, говорејќи на дебата за оправданоста на новото законско решение, оцени дека во минатото секоја политичка криза и партиски договор се плаќале со нови институционални слоеви.

„Секоја политичка криза, секој партиски договор во минатото се плаќаше со создавање нови агенции, паралелни дирекции и непотребни комисии кои постоеја сами за себе, трошеа народни пари, а не одговараа пред никого“, рече Минчев.

Тој додаде дека е потребна државна управа што „не зависи од волја на поединци, туку работи според јасни и стабилни правила“, во која политичката одговорност е видлива, професионалноста се вреднува, а јавните средства се користат за потребите на граѓаните.

За потребата од нови правила говорел и универзитетскиот професор Битраков, кој, според прилогот, укажал на недоволно јасно уредени односи меѓу институциите.

„Односот на релација министерство – орган во состав ден-денес остана недоволно јасен. Од друга страна, односот на министерството со самостојните органи и на сите овие органи со Владата може да се подобри“, посочил Битраков.

Професорот Давидовски, пак, предупредил дека не е можна целосно унифицирана форма според европски барања и дека секоја земја има свои специфики.

„Да не се врши преклопување. Тоа е основата којашто и ни, и добро е овој модел што е прифатен и добро е тоа и за развој и за стабилноста на државата. Ако правиме сега после триесет и пет, шест години експерименти, мислам дека нема нигде да не доведе“, рече Давидовски.

Во областа на уредувањето, структурата и функционалноста на државната управа првпат била регулирана со закон во 2000 година, а застарените одредби биле коригирани во 2019 и потоа во 2024 година.

Ноќно студио

Најнова епизода

Герасимовски за „Барутана“, „Треска“, Платформа 12:05 и поделбите во СДСМ | Ноќно студио 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни