Американскиот технолошки гигант „Гугл“ се соочува со растечко незадоволство меѓу своите вработени поради користењето на вештачката интелигенција за воени цели. Дел од експертите во компанијата „Гугл ДипМајнд“ веќе поднеле оставки, додека други размислуваат да заминат, предупредувајќи дека технологијата може да биде злоупотребена во воени операции.
Како што пренесува Би-Би-Си, неколку истражувачи одлучиле да ја напуштат компанијата поради договорите што „Гугл“ ги склучил со американската и израелската војска.
Меѓу нив е и истражувачката Софија Лигуори од Лондон, која по три години работа поднела оставка, оценувајќи дека компанијата се оддалечува од сопствените етички принципи.
„Кога сфатив дека мојата компанија сè повеќе се залага за употреба на вештачка интелигенција во воени операции, почувствував срам што работам во Гугл“, изјавила Лигуори за Би-Би-Си.
Од компанијата, пак, ги отфрлаат сомнежите дека постапуваат спротивно на етичките стандарди. Портпарол на „Гугл“ соопштил дека сите договори со државните институции поминуваат низ процес на проверка и мора да бидат усогласени со принципите за одговорна употреба на вештачката интелигенција.
Контроверзиите се засилиле по договорот со Пентагон, кој овозможува користење на технологијата на „Гугл“ во доверливи воени операции. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет претходно најави дека САД имаат намера вештачката интелигенција да ја стават во центарот на својата воена стратегија.
Поранешниот истражувач Андреас Кирш, кој исто така ја напуштил компанијата, предупредува дека постојните системи не се доволно сигурни за примена на бојното поле.
Според него, „Гугл“ нема доволна контрола врз начинот на кој Пентагон ја користи технологијата, ниту соодветен увид во нејзината примена.
Особена загриженост предизвикува можноста вештачката интелигенција да се користи за идентификување и избор на воени цели. Експертите предупредуваат дека автоматизираните системи можат значително да го скратат времето за донесување одлуки, со што се зголемува ризикот од грешки и цивилни жртви.
Дополнителни критики предизвикува и проектот „Нимбус“, договор вреден 1,2 милијарди долари меѓу „Гугл“, „Амазон“ и израелската влада, кој предвидува обезбедување облачна инфраструктура и технологии за вештачка интелигенција.
Вработени кои анонимно разговарале со Би-Би-Си тврдат дека во компанијата владее страв од јавно изразување критики, бидејќи се плашат од професионални последици.
И покрај растечките критики, американските власти остануваат на ставот дека интегрирањето на вештачката интелигенција во вооружените сили е неопходно за идните воени операции.
Случајот отвора сериозни прашања за границите на употребата на вештачката интелигенција, одговорноста на технолошките компании и улогата на човекот при донесувањето одлуки што можат да значат живот или смрт.