Енергетските компании бараат зголемување на цената на струјата и парното, повикувајќи се на повисоки трошоци поради енергетската криза. Според информациите, конечната одлука за тоа колкав дел од барањата е оправдан ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.
Според МЕПСО, тарифата за пренос на електрична енергија треба да се зголеми за речиси 98 проценти. Ако ваквото барање би било прифатено во целост, тоа би можело да ги зголеми сметките за струја за четири до пет проценти. Сепак досегашното искуство покажува оти регулаторот речиси никогаш не ги прифаќа барањата на компаниите целосно.
Како клучен фактор за конечната цена се посочува и цената по која ЕСМ ќе ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Пресметката на ЕСМ, се очекува кон крајот на ноември.
Експертите очекуваат компаниите да побараат повисоки цени, но апелираат Владата да ги заштити домаќинствата од ценовен шок и да преземе дел од трошоците. Регулираните потрошувачи ќе останат под капата на Владата, односно може да се очекува обид да не се дозволи големо зголемување за домаќинствата, додека другите потрошувачи и онака набавуваат струја на пазарот на електрична енергија.
Во меѓувреме, сите четири топловодни компании бараат поскапување на парното. Како причина се наведува повисоката цена на природниот гас во октомври, за околу 60 проценти во споредба со цената врз основа на која била донесена последната одлука.
Професорот Антон Чаушевски оценува дека зголемување до 10 проценти би било разумно, иако, како што вели, тоа не е пропорционално со поскапувањето на гасот.
„Можеби централното греење би поскапело, меѓутоа јас сепак мислам дека би било во некои разумни рамки до десет проценти“, вели Чаушевски.
Тој додава и дека дел од топлинската енергија се снабдува преку Термоелектраната Топлана, која е во приватна сопственост, па според него, тој дел од трошокот е потешко предмет на интервенција.
Владата пак, останува на ставот дека до Нова година струјата треба да остане со иста цена.