Славјанка Петровска во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ откри дека иницијативата за промени во СДСМ не добила, според нејзините зборови, суштински одговор на барањата за внатрепартиски реформи.
Таа објасни дека дописот бил доставен до партиската архива со очекување да се отвори простор за разговори, но дека реакцијата од партијата пристигнала за помалку од еден час.
„Одговорот беше даден за помалку од еден час, со една доза на цинизам и смеење, би рекла“, изјави Петровска.
Според неа, начинот на кој било објавено писмото ја довел во прашање претходната реторика на раководството дека е подготвено за дијалог и дискусија за иднината на партијата.
Петровска посочи дека меѓу барањата биле формирање работна група што независно би го разгледала избирачкиот список, како и промени во статутот со кои би се обезбедило поголемо учество на членството во одлучувањето.
Таа нагласи дека целта не е борба за функции, туку воспоставување поинаков систем на функционирање на СДСМ.
„Очигледно дека тоа беше нивниот начин како да го отворат и практично да се обидат да го запрат процесот за демократизација. Тој процес не може никој да го запре“, порача Петровска.
Таа додаде дека засега нема нов повик за разговори, но најави дека платформата ќе продолжи со активностите и дека наскоро ќе биде објавен следниот чекор поврзан со реформите во СДСМ.