Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска ги отфрли обвинувањата за наводни неправилности и разлики во цената при набавката на хеликоптерите „Леонардо“, тврдејќи дека целиот процес бил спроведен врз основа на стручни анализи и документација.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Петровска го обвини актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски дека погрешно ги претставува информациите за набавката.
„Мисајловски една година бега од телевизиско соочување со мене. Сум го повикувала и на телевизија и на говорница во Собранието, сум поставувала пратенички прашања на кои не ми одговорил“, изјави Петровска.
Таа категорично тврди дека нема разлика во цената на договорот и дека јавноста треба да прави разлика меѓу првичните информации од производителите и конечната финансиска понуда.
„Разлика во цената нема. Оваа набавка има историја, започнува во 2017 година, со анализа направена во Генералштабот на Армијата“, истакна Петровска.
Според неа, тогаш бил утврден недостиг од хеликоптерски капацитети, по што независен стручен тим ги дефинирал оперативните потреби на Армијата.
Петровска објасни дека при анализата на пазарот производителите доставувале информации за техничките карактеристики и можностите, а не конечни понуди за склучување договор.
Таа додаде дека цените на воената опрема се менуваат во зависност од состојбите на меѓународниот пазар, наведувајќи го примерот со растот на цените на муницијата по почетокот на војната во Украина.
„Во Министерството за одбрана има документација од повеќе од 500 страници за сето ова што го зборувам“, нагласи Петровска.