Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изнесе тврдења за обиди на поединци и фирми посредници да се вклучат во процесот на набавка на воените хеликоптери.
Според Петровска, во фазата на анализа на понудите, кога сè уште не било одлучено со која држава ќе се склучи договорот, се појавиле лица кои барале преговорите да се водат преку нив, наместо директно со производителот.
„Во одреден период од фазата, кога тимот анализира и кога се носи одлуката дека ова ќе биде договор влада со влада, се појавуваат поединци и фирми посредници кои им велат на луѓето од тимот: Не мора да преговарате со фирмата, преговарајте со нас. Тоа е апсолутно одбиено“, изјави Петровска.
Таа изнесе и претпоставка дека еден од тие поединци денес е неформален советник на актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски.
„Веројатно некој од тие, од кои едниот сега е неформален советник на Мисајловски, претпоставувам дека сме го налутиле затоа што не бил дел од процесот на одлучување“, рече Петровска.
Според неа, вклучувањето посредници можело да влијае врз конечната цена на набавката.
Петровска нагласи дека била донесена одлука преговорите да се водат директно со производителот, без посредници, а потоа бил избран италијанскиот производител „Леонардо“ и договорот со Република Италија.
Таа тврди дека конечната финансиска понуда била детално разработена и дека секој сегмент од опремата и хеликоптерите бил специфициран во договорот.
Изнесените тврдења за посредниците и наводната поврзаност со советник на министерот се ставови на Петровска, за кои во интервјуто не беше презентирана независна потврда.