Македонија

Петровска за хеликоптерите „Леонардо“: Не се брзаше со договорот пред изборите, горда сум на набавката

Петровска за хеликоптерите „Леонардо“: Не се брзаше со договорот пред изборите, горда сум на набавката

Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска ги отфрли тврдењата дека набавката на хеликоптерите „Леонардо“ била забрзана поради парламентарните избори во 2024 година.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, таа објасни дека постапката се одвивала согласно претходно утврдената динамика и дека одлуката за избор била донесена пред почетокот на изборната година.

„Не се брзаше, така процесот беше поставен. Одлуката за изборот е направена пред Нова година“, изјави Петровска.

Таа појасни дека потоа следувала постапка за формирање комисија која ги водела преговорите со избраната италијанска компанија.

Според Петровска, договорите што се склучуваат меѓу две влади во областа на одбраната и безбедноста имаат посебен правен третман.

„Горда сум на тој договор, затоа што тој е еден од најдобрите договори што сме ги склучиле. Горда сум што ја одбравме Република Италија за партнер“, рече Петровска.

Таа посочи дека договорот не се однесува само на испорака на хеликоптери, туку опфаќа и резервни делови, сервисирање и дополнителна поддршка.

Петровска изрази благодарност до стручниот тим што учествувал во подготовката и реализацијата на постапката.

Во однос на испораката, таа посочи дека, според последните информации со кои располага, два хеликоптера треба да пристигнат до крајот на годината, но не ја исклучи можноста за одложување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио во Славјанка Петровска 22.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни