Шпанија планира да истражи 100.000 квадратни километри територија со цел да го утврди потенцијалот за минерални суровини под земјата. Истражувањата ќе се спроведуваат од воздух, со специјализирани летови за собирање магнетни, радиометриски и гравиметриски податоци од три геолошки зони во западниот и јужниот дел на земјата.
Според Геолошкиот и рударски институт на Шпанија, активностите се дел од петгодишна истражувачка програма вредна околу 197 милиони евра, а нивното завршување е предвидено за 30 јуни.
Програмата треба да овозможи подобро разбирање на минералните ресурси и да помогне во идентификувањето области со висок потенцијал за наоѓалишта. За таа цел ќе се применуваат и техники на вештачка интелигенција, со кои ќе се изработуваат предвидувачки геолошки модели.
„Главната цел на Институтот е да се подобрат сознанијата за минералните ресурси на нашата земја“, изјави Сусана Тимон, директорка на оддел во Институтот.
За разлика од ваквиот систематски пристап кон геолошките истражувања, Македонија располага со ограничен број потврдени наоѓалишта на минерални суровини, меѓу кои Иловица се издвојува како едно од најзначајните. Ова ја нагласува важноста на квалитетните геолошки податоци и долгорочното планирање за подобро искористување на минералниот потенцијал.
Во меѓувреме, шпанскиот регион Андалузија сака да привлече инвеститори во рударскиот сектор преку побрзи постапки за издавање дозволи и овозможување пристап до стотици локации за кои концесиите за експлоатација на минерални суровини се веќе истечени. Ова се случува во време кога Европа се стреми да обезбеди капацитети за ископ на најмалку 10% од нејзината годишна потрошувачка на стратешки суровини до 2030 година.
Македонија засега не е активно вклучена во исполнувањето на целите од Директивата за критичните минерални суровини на Европската Унија. Годинава на Геолошкиот Завод на Македонија му се даде задача, во период од две години, да направи анализа на потенцијалите за екстракција и рециклирање на критични метали и критични минерали во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а со поддршка на рударската индустрија. Направената анализа би требало да се поврзе со вкупните потреби на Европската Унија за критични метали и минерали, а резултатите би можеле да бидат добра основа за стимулирање на поефикасната употреба и поефикасното искористување на македонските метали и минерални ресурси.
Во моментов траат детални геолошки истражувања за антимон кај Крива Паланка. Единствено потврдено наоѓалиште за кое во моментов има активна инвестиција е за бакарот во Иловица. Според геолошките истражувања наоѓалиштето „Иловица-Штука“ има над 700 илјади руден концентрат, со потенцијал за извоз од над 10 илјади тони бакар на годишно ниво во период од две децении. Претходно и во анализа на професори од Универзитетот во Штип беше нагласено дека порфириското наоѓалиште на бакар „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект. Присуството на бакар на оваа локација е започнато да се истражува со дозволата за детални геолошки истражувања издадена во 2004 година, а тестирањата потврдиле искористување на 84 отсто за бакарот.
Инаку, шпанскиот јужен регион Андалузија учествува со околу 90 % во вредноста на ископот на метали во Шпанија и се наоѓа на второто место во Европската Унија според производството на бакар, веднаш зад Полска. Меѓу компаниите е и „Аталаја мајнинг“, која го скрши мразот со обезбедувањето дозволи на брза лента.
„Минатата година, за само 27 месеци, успеавме целосно да ја спроведеме постапката за издавање дозволи за нов рудник. Знаеме дека 27 месеци во рударскиот сектор се рамни на сон“, изјави Хесус Портиљо Гарсија-Пинтос, генерален директор за одржливо рударство и наука за суровини во Андалузија.
Побрзото издавање дозволи и јавното финансирање имаат за цел да го претворат минералното богатство во поширока индустриска база, во услови кога Европа се стреми да ја намали зависноста од увезени суровини. Инаку, дел од напорите на шпанскиот Институт вклучуваат и подобро искористување на информациите со кои Шпанија веќе располага.
„Историските геохемиски резултати можат да понудат вредни појдовни точки, но постарите истражувања често опфаќале потесен опсег на метали од оној што истражувачите сакаат да го проучуваат денес. Новите анализи би помогнале да се пополнат тие празнини. Суровините се неопходни за нашата економија да биде силна“, изјави претставничката на Институтот, Тимон.
Таа истакна дека целта е аналитичките податоци да се направат употребливи заедно со информациите неопходни за проценка на нивниот квалитет – наместо едноставно да се објавуваат стари извештаи. Пошироката цел е да се создадат геолошки сознанија што компаниите ќе можат да ги користат и по завршувањето на петгодишниот период на програмата. Според Институтот, оваа работа треба да стане дел од долгорочната државна политика.