Свет

Франција во немири: Речиси 1.000 приведени, гореа барикади

Франција во немири: Речиси 1.000 приведени, гореа барикади

Речиси 1.000 лица се приведени по новиот бран масовни протести во Франција, на кои учествуваа стотици илјади граѓани незадоволни од високите трошоци за живот, даноците и состојбата во образованието. Иако најголемиот дел од демонстрациите во саботата поминаа мирно, во вечерните часови дојде до судири со полицијата во повеќе француски градови, јавува Би-Би-Си.

Во Париз полицијата употреби солзавец и водени топови за растерување на демонстрантите, додека во Марсеј беа запалени улични барикади. Во Бордо групи маскирани демонстранти отстрануваа дрвени плочи од објекти за да ги блокираат улиците.

Според француското Министерство за внатрешни работи, на протестите во саботата, 24 октомври, учествувале околу 410.000 граѓани, додека синдикатите проценуваат дека нивниот број достигнал приближно 800.000. Само во Париз, според полицијата, на улиците излегле околу 110.000 луѓе.

За обезбедување на јавниот ред биле мобилизирани околу 70.000 полицајци и жандарми низ целата земја, со цел да се спречи повторување на насилствата од претходниот викенд, кога беа ограбени и оштетени голем број продавници и деловни објекти.

Судири во Париз, Марсеј, Бордо и Лион

Во француската престолнина тензиите ескалираа на крајот од протестниот марш, кој започна кај Порт д’Итали и заврши во областа Порт де Венсен.

Дел од демонстрантите поставуваа импровизирани барикади и фрлаа различни предмети кон полициските службеници. Полицијата одговори со солзавец, водени топови и палки, додека групи маскирани млади лица кршеа излози и оштетуваа имот.

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека на крајот од протестот се собрале неколку илјади радикални активисти, меѓу кои околу 500 лица идентификувани како учесници во немирите.

Во Марсеј беа запалени контејнери за отпад, а метални конструкции беа искористени за блокирање на сообраќајниците. На снимки од градот се гледа полициско возило како поминува низ запалена барикада.

Во Бордо демонстранти облечени во темна облека, со покриени лица, отстрануваа дрвени плочи од згради за да изградат улични барикади.

Тензична беше ситуацијата и во Лион, каде полицијата употреби солзавец за да растера група демонстранти собрани во област во која локалните власти претходно забраниле одржување протести.

„Бевме околу 150 луѓе, претежно средношколци и студенти. Речиси веднаш почнаа да употребуваат солзавец. На улицата речиси ништо не се гледаше“, изјавил еден од учесниците за Би-Би-Си.

Двајца тешко повредени, бројот на приведени може да расте

Министерот Нуњез соопшти дека во текот на денот биле приведени речиси 1.000 лица, предупредувајќи дека бројката може дополнително да се зголеми по обработката на податоците од сите полициски служби.

Според него, двајца демонстранти се здобиле со тешки повреди, едниот во Тулуз, а другиот во Клермон-Феран.

Властите оценуваат дека, благодарение на засиленото полициско присуство, овојпат биле спречени немири и масовни грабежи од размерите забележани претходниот викенд.

Тогаш, за време на насилните протести, беа приведени повеќе од 2.500 лица, а илјадници деловни објекти претрпеа штети.

Граѓаните бараат промени: „Ни земаат пари, а ние молчиме“

Незадоволството од високите трошоци за живот, даночната политика и лошите услови во училиштата продолжува да ги изведува Французите на улиците.

Демонстрантка во Париз, која се претставила како Зели, за Би-Би-Си изјавила дека граѓаните се длабоко разочарани од политиките на претседателот Емануел Макрон.

„Нè држат во молк. Ни ги земаат парите, нè оданочуваат многу, а ние не можеме ништо да кажеме. Денеска сме на улиците бидејќи ова трае предолго и веќе ни е преку глава“, изјавила 26-годишната демонстрантка.

Двајца маскирани тинејџери, кои одбиле да го откријат својот идентитет, изјавиле дека младата генерација се чувствува напуштена од властите и дека протестите ќе продолжат сè додека не бидат исполнети нивните барања.

Протестното движење првично започна со незадоволството на учениците и студентите од состојбите во образованието, но постепено прерасна во поширок социјален протест против поскапувањата, сиромаштијата и економските политики на француската влада.

Во меѓувреме, во Орлеан се одржа и посебен мирен протест против крајнодесничарската партија „Национален собир“, на кој учествуваа илјадници граѓани.

Новата протестна криза доаѓа околу шест месеци пред претседателските избори во Франција, закажани за 2027 година, во период кога расте притисокот врз претседателот Емануел Макрон и неговата влада да одговорат на економските и социјалните барања на граѓаните.

Ноќно студио

Најнова епизода

Петровска: Побаравме оставка од Филипче, нема разлика во цената за „Леонардо“ | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни