Македонија

Васко Саздовски: Животот зад името на една од жртвите во Нови Сад

Васко Саздовски: Животот зад името на една од жртвите во Нови Сад

Тргнал дома, кај семејството.

За Васко Саздовски, патувањата од Нови Сад кон Македонија биле дел од секојдневието. Работел во Србија, а речиси секој викенд се враќал кај сопругата и двете деца. Според сведочењата на неговите колеги, кон дома тргнал и на 1 ноември 2024 година.

Тоа патување остана незавршено.

Во 11 часот и 52 минути се урна бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад. Меѓу загинатите беше и 45-годишниот македонски истражувач. Трагедијата, со подоцнежната смрт на дел од повредените, однесе вкупно 16 животи.

Зад неговото име стоела меѓународна научна кариера.

Магистрирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Докторските студии ги завршил на Универзитетот Кренфилд во Велика Британија, во областа на автономните системи. Неговата биографија бележи и постдокторска истражувачка работа во Загреб.

Се занимавал со роботика, автоматизација и поврзување податоци од различни сензори. Со технологии што им овозможуваат на машините да ја препознаваат околината и да се движат низ неа.

Зад сложените научни поими стоеле конкретни прашања: како роботот да ја утврди својата положба, како да ја обработи сликата од камерата и како тие информации да ги искористи за навигација.

Во Нови Сад работел во Центарот за сензорски технологии на институтот „Биосенс“.

Оваа институција ги поврзува науката, информатичките технологии и земјоделството. Развива решенија што треба да им помогнат на земјоделците поефикасно да произведуваат храна и подобро да ги користат ресурсите.

Токму во таква средина Саздовски го продолжил својот истражувачки пат. Неговото знаење за сензорите и роботиката било дел од работата на институтот.

Но, научната биографија раскажува само еден дел од неговиот живот.

Неговата сестра Соња Ефремова, во разговор за порталот „Мој Нови Сад“, го опишува како љубопитно и трпеливо дете. Се сеќава на ракетите што ги правел и ги пуштал во семејниот двор.

Подоцна, голема страст му станале планините, пешачењето и велосипедизмот. Слободното време го користел за престој во природа.

Според нејзиното сведочење, во Нови Сад гледал место за долгорочен живот. Планирал таму да ги донесе сопругата и децата. Градот во кој работел требало да стане и нивни заеднички дом.

Тие планови биле прекинати на железничката станица.

Смртта на Саздовски стана дел од трагедијата што предизвика масовни протести во Србија.

Студентите и граѓаните бараа објавување на документацијата за реконструкцијата на станицата и утврдување на одговорноста. Обвинувањата за корупција и пропусти станаа централна тема на протестите. Властите ги отфрлаа обвинувањата за корупција.

Но, зад јавните барања за одговорност останаа семејствата на загинатите. Имиња, фотографии и животи прекинати во ист момент.

На 6 февруари 2026 година, институтот „Биосенс“ отвори амфитеатар што го носи името на доктор Васко Саздовски.

Во уметничката поставка се вклучени Млечниот Пат и ѕвездата Антарес — симболи со кои неговите колеги ја поврзуваат неговата научна љубопитност и творечка енергија.

На отворањето, директорот Владимир Црнојевиќ го спомена неговиот професионален придонес, но и насмевката и топлината по кои го паметат.

Во просторот наменет за предавања и размена на знаење, сега е запишано и неговото име.

Васко Саздовски. Научник, колега, сопруг и татко. Човек чиј живот заврши на пат кон дома.

Ноќно студио

Најнова епизода

Петровска: Побаравме оставка од Филипче, нема разлика во цената за „Леонардо“ | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни