Балкан

Сомнежи за притисоци врз гласачи во Белград: На новинарска екипа ѝ забраниле да влезе во наводен кол-центар на СНС

Сомнежи за притисоци врз гласачи во Белград: На новинарска екипа ѝ забраниле да влезе во наводен кол-центар на СНС

Новинарска екипа на српската телевизија Н1 се обидела да влезе во простории во центарот на Белград, за кои постојат сомнежи дека функционираат како кол-центар на Српската напредна партија (СНС), од каде што наводно се вршат притисоци врз гласачите за време на денешните предвремени парламентарни избори во Србија. На новинарите не им бил дозволен влез, а присутните ги спуштиле ролетните за да спречат снимање на внатрешноста.

Според Н1, новинарската екипа пристигнала на адресата Скадарска 51 во Белград, откако граѓани пријавиле дека во објектот се наоѓа кол-центар на СНС, од кој наводно се контактираат и се вршат притисоци врз избирачите.

Новинарката на Н1 се обидела да влезе во просториите и да сними што се случува внатре, но била спречена од неколку лица облечени во црно, кои го блокирале влезот.

Како што може да се види на снимката објавена од телевизијата, присутните најпрво застанале пред вратата, а потоа ги спуштиле ролетните за камерите да не можат да ја снимаат внатрешноста на просторијата.

Сепак, пред спуштањето на ролетните, камерата успеала да забележи дека лицата во просторијата располагале со списоци, додека новинарката посведочила дека се вршеле телефонски повици.

Засега не е утврдено за какви списоци станува збор, кому биле упатувани повиците и дали активностите во просториите биле поврзани со притисоци врз гласачите.

Н1 наведува дека сомнежите за функционирање на партиски кол-центар потекнуваат од пријави на граѓани.

Во моментот на објавувањето на информацијата нема потврда од надлежните институции дека на оваа адреса се вршеле изборни нерегуларности, ниту е објавен одговор од Српската напредна партија за конкретните обвинувања.

Случајот е регистриран на денешните предвремени парламентарни избори во Србија, на кои граѓаните избираат нов состав на Народното собрание.

Ноќно студио

Најнова епизода

Петровска: Побаравме оставка од Филипче, нема разлика во цената за „Леонардо“ | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни