Речиси половина тон месни производи и внатрешни органи се уништени по вонредна инспекциска контрола во месарница во Општина Василево. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) открила комора на приватен имот која не била регистрирана во Агенцијата, а во неа биле пронајдени ќебапи, плескавици и замрзнати подготовки од месо.
Според информациите од АХВ, при контролата спроведена минатата недела, официјалните ветеринари заплениле вкупно 470 килограми производи. Од нив, 400 килограми биле замрзнати подготовки од месо, плескавици и ќебапи, а преостанатите 70 килограми биле внатрешни органи.
Целата запленета количина била нештетно уништена на депонија, согласно законските процедури.
Поради утврдените неправилности, изречена е мерка за привремено затворање на комората. На правното лице му се изречени и парични казни поради работење во нерегистриран објект и неозначување на производите.
Од АХВ посочуваат дека редовните и вонредните инспекциски контроли се важни за откривање неправилности и спречување на продажбата на небезбедна храна, како и за проверка дали операторите ги исполнуваат законските услови за производство, складирање и промет на прехранбени производи.
Во периодот од јануари до август 2026 година, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 74.838 инспекциски надзори, кои опфатиле различни сегменти од синџирот на храна на домашниот пазар и при увозот.
Во истиот период биле уништени 69.776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз. Дополнително, бил забранет увоз на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, додека во земјите на потекло биле вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло.
Агенцијата најавува дека ќе продолжи со редовните и вонредните контроли низ целата држава, со приоритет на заштитата на здравјето на граѓаните, спречувањето на прометот со небезбедна храна и почитувањето на правата на потрошувачите.