Македонија

Дејан Јованов Деко предложен за сведок во судењето против деветтемина полицајци за „Пулс“

Дејан Јованов Деко предложен за сведок во судењето против деветтемина полицајци за „Пулс“
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Со распит на сведоци и изведување материјални докази, одбраната на деветтемина полициски службеници обвинети во предметот за дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжува да ја гради својата стратегија во судската постапка. На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, бранителите ги образложуваа доказните предлози, меѓу кои се и документи поврзани со работата на полицијата и состојбите во дискотеката.

Адвокатот Бранко Колев, бранител на обвинетиот Боби Гидиоски, изјави дека одбраната предложила околу 16 материјални докази и осум сведоци. Меѓу нив е и Дејан Јованов – Деко, сопственик на дискотеката „Пулс“.

Колев појасни дека Јованов е предложен за сведок за да се разјаснат околностите поврзани со тврдењата на обвинителството дека обвинетите му овозможиле да стекне противправна имотна корист во вид на плата што ја примал како вработен во период од шест месеци.

„Го предлагаме на околности затоа што застапникот на обвинението тврди дека обвинетите му дозволиле на Деко да стекне имотна корист која се изразува во плата која ја земал како вработен за шест месеци, па на таа околност бараме да биде сослушан, дали тоа му е овозможено од обвинетите“, изјави Колев.

Според бранителот, дел од предложените документи се однесуваат на работењето на Министерството за внатрешни работи, односно на Секторот за внатрешни работи Штип. Другите документи, како што посочи, се поврзани со информација за проблемите во дискотеката „Пулс“, за кои постапувало ОВР Кочани.

Колев тврди дека спорната информација била прикриена од обвинетиот Боби Гидиоски, кој во тој период бил началник на СВР Штип.

Јавната обвинителка Спасенка Андонова најави дека на следното рочиште ќе се произнесе одделно за секој од доказните предлози на одбраната. Судот одлучи главната расправа да продолжи утре во 12 часот.

Деветтемина полициски службеници се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со проверките и издавањето согласности за угостителскиот објект „Пулс“. Според обвинението, тие не ги спровеле целосно потребните проверки за исполнување на законските и безбедносните услови, со што му овозможиле на објектот да добие и да користи лиценца за работа. Обвинетите претходно пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни