Преземањето на власта во Србија би можело да биде само почеток на многу посложен процес за Студентската листа, која, според изборните проценки пренесени во текстот на британската новинска агенција „Ројтерс“, остварила значаен изборен успех. Движењето предводено од студенти се соочува со низа тешки прашања, од иднината на Косово и односите со Европската Унија и Русија, до американските санкции, корупцијата и економските предизвици.
Агенцијата наведува дека имињата на идните лидери сè уште не се објавени, но дека пред нив стои сложена задача за дефинирање на надворешната и внатрешната политика на земјата.
Косово – едно од најчувствителните прашања
Студентската листа смета дека Косово, кое во 2008 година прогласи независност од Србија, и понатаму е составен дел од српската држава. За време на кампањата, кандидатите на движењето изјавувале дека територијата е привремено окупирана и дека нејзиното повторно интегрирање во Србија би можело да се постигне по мирен пат, преку дипломатија и дијалог.
Меѓу приоритетите на движењето се спречувањето на иселувањето на српското население од северот на Косово и зајакнувањето на институциите што ги финансира Србија, особено во здравството и образованието.
Студентската листа се залага српските заедници на Косово да функционираат автономно, а ги отфрла претходно постигнатите договори со владата во Приштина, вклучително и оние што се однесуваат на енергетиката, регистарските таблички и употребата на српскиот динар.
Затегнати односи со Европската Унија
Преговорите за членство на Србија во Европската Унија во голема мера се во застој поради недостигот од потребните реформи. Според „Ројтерс“, Студентската листа за време на кампањата избегнувала дел од надворешнополитичките прашања што предизвикуваат поделби во српското општество.
Меѓу позначајните кандидати на листата се поранешниот гувернер на Народната банка на Србија, Дејан Шошкиќ, и кардиологот Илија Срдановиќ. Тие изјавиле дека идната влада најпрво треба да се фокусира на внатрешните реформи и затворањето на преговарачките поглавја со ЕУ, пред да побара од граѓаните конечно да се изјаснат за членството во Унијата.
Ставот на Студентската листа за Косово, сепак, е во спротивност со барањата на ЕУ, која од Белград очекува нормализација на односите со Приштина.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјавила дека Унијата е подготвена да ги поддржи реформите во Србија, особено во областите на владеењето на правото и слободата на медиумите, како и да соработува за нејзината европска иднина.
Русија, енергетската зависност и американските санкции
Еден од најсложените предизвици за идната влада ќе биде односот со Русија, традиционален сојузник на Србија, особено во контекст на енергетската зависност и американските санкции врз нафтената компанија НИС.
Претставниците на Студентската листа изјавиле дека не планираат да ја усогласат политиката на Србија со ЕУ во однос на воведувањето санкции кон Москва поради војната во Украина.
Според текстот на „Ројтерс“, новата влада ќе зависи од добивањето исклучоци од американските санкции за да продолжи со увозот на сурова нафта, додека се очекува продажба на рускиот удел во НИС на унгарската компанија МОЛ. НИС управува со единствената рафинерија за нафта во Србија.
Рускиот „Гаспром“ е и најголемиот снабдувач со природен гас на Србија, испорачувајќи околу 2,2 милијарди кубни метри годишно по цени пониски од пазарните.
Од Студентската листа сметаат дека оваа зависност е пред сè економско прашање, а не геополитичко определување.
Кандидатите на движењето најавиле и дека идната влада би го запрела целиот извоз на оружје од Србија во воени зони, вклучително и продажбата преку западни посредници кои подоцна го испраќаат оружјето во Украина.
Во меѓувреме, претседателот Александар Вучиќ изгради блиски лични односи и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со рускиот претседател Владимир Путин.
Борбата против корупцијата и реформите во институциите
Борбата против корупцијата е една од централните точки на програмата на Студентската листа. Движењето предлага институционални промени, меѓу кои формирање независна полициска единица што би одговарала пред обвинителството, наместо пред Министерството за внатрешни работи.
Предвидено е и отстранување од полицијата на службеници поврзани со организиран криминал или со насилно задушување на протестите.
Студентската листа се залага за забрана на партиски именувања во државните претпријатија и воведување транспарентни постапки за вработување, засновани врз стручноста и заслугите.
Во програмата е предвиден и строг закон за потеклото на имотот, со кој државата би можела да проверува и да одзема незаконски стекнат имот од функционерите, а потоа да ги враќа средствата во државниот буџет.
На функционерите осудени за корупција би им било забрането да вршат јавни функции. Движењето предлага и јавен надзор над големите државни инфраструктурни договори, како и формирање независни контролни тела за спречување злоупотреба на јавните средства.
Вучиќ, Српската напредна партија и надлежните институции во повеќе наврати ги отфрлија обвинувањата за корупција и репресија.
Економија: пониски цени, работнички права и поддршка за младите
Српската економија е тесно поврзана со европскиот пазар и меѓународните инвестициски текови. Меѓународниот монетарен фонд предвидува раст на економијата од три проценти во 2026 година и четири проценти во 2027 година.
Инфлацијата во септември изнесувала 4,1 процент, речиси двојно повеќе од 2,2 проценти во август, додека Народната банка на Србија од 2024 година ја одржува референтната каматна стапка на ниво од 5,75 проценти.
Економската програма на Студентската листа предвидува промена на моделот на раст, со помал акцент на инфраструктурните проекти поддржани од државата и евтината работна сила, а поголем на стабилноста на домашниот пазар и работничките права.
Еден од приоритетите е спречувањето монополи во малопродажбата со цел намалување на цените на храната. Движењето најавува и даночни реформи со кои би се зголемиле обврските за побогатите граѓани, а би се намалиле за оние со пониски приходи.
Програмата предвидува и значително скратување на максималното времетраење на привременото вработување. Фискалната одржливост, според предлозите, би се обезбедувала преку заштеди од сузбивање на корупцијата и посилен државен надзор.
Посебен акцент е ставен и на социјалните мерки за спречување на иселувањето на младите. Меѓу предлозите се подобри услови за домување за млади парови, наставници и здравствени работници, бесплатни учебници и поевтини лекови субвенционирани од државата.
Според анализата на „Ројтерс“, пред евентуалната нова влада на Србија стојат сложени политички, економски и надворешнополитички прашања. Начинот на кој ќе се справи со нив ќе биде важен тест за спроведувањето на ветените промени.