Во обраќање емитувано на Телевизија Војводина беше упатено извинување до гледачите поради долгогодишно еднострано и некритичко известување. Во истото обраќање беше соопштено дека Ненад Чачиќ поднел оставка од раководната уредничка функција на Првата програма на покраинскиот јавен сервис.
„Јавниот сервис со години не ја извршуваше својата функција. Се премолчуваше, се замижуваше на едното око, еднострано се информираше, некритички се известуваше. Не се поставуваа вистинските прашања или прашања воопшто не се поставуваа. Поради тоа, на гледачите им должиме извинување“, беше наведено во обраќањето.
Во пораката беше истакнато и дека дел од вработените се бореле новинарите и уредниците во оваа медиумска куќа да работат слободно и во согласност со етичките принципи.
„За жал, битката не ја добивме навреме, но веруваме дека е важно таа борба да се води“, беше порачано.
Според објавените информации, оставката на Чачиќ следувала по барање на дел од вработените и на генералниот директор Горан Караџиќ. На неговото место е именуван Блажо Поповиќ, додека на испразнетото место програмски директор е назначен Предраг Новковиќ.
Во обраќањето беше потсетено дека смената на главниот и одговорен уредник била едно од барањата на синдикатот „Независност“, истакнато уште пред една година. Како причини за тоа барање биле наведени нарушувањето на интегритетот на Радио-телевизија Војводина и известувањето што синдикатот го оценувал како прорежимско.