Ненад Ќаќиќ, главен и одговорен уредник на РТВ Војводина, поднесе оставка. Веднаш по објавувањето на веста, вработените заиграа оро во просториите на телевизиската куќа.
Оставката следи по разговорите меѓу вработените, претставниците на синдикатот и генералниот директор на куќата, Горан Караџиќ.
„Главниот и одговорен уредник утрово поднесе оставка“, изјави Караџиќ.
На прашањето дали оставката претставува изненадување, директорот на РТВ одговори дека не би било соодветно тој да коментира.
„Не сум обложувач, па не можам да кажам дали сум очекувал или не. Користејќи ги своите овластувања, го претставив новиот вршител на должноста главен и одговорен уредник, Блажо Поповиќ“, додаде Караџиќ.
Дарко Шпер, главен претставник на синдикатот „Независност“, вели дека овие промени биле неопходни бидејќи вработените сакале „програмата да се ослободи од политички комесари – луѓе кои ја труеја публиката уште откако кадри блиски до СНС ја презедоа уредувачката политика на РТВ во 2016 година“.
„Ние, вработените, веруваме дека во нашата куќа има доволно медиумски професионалци способни овие одговорни задачи да ги извршуваат чесно, вистинито и, пред сè, професионално. Ѝ се извинуваме на нашата публика што ја ’труевме‘ во текот на целиот овој период. Ќе се стремиме да работиме во интерес на граѓаните кои ја извојуваа оваа слобода“, рече Шпер, повикувајќи ја јавноста да го следи информативното издание во 17:00 часот, кога ќе биде соопштено важно известување.