Првпат во Македонија е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром, ретко наследно генетско заболување кое го оштетува бубрежното ткиво и во потешките случаи може да доведе до откажување на бубрезите. Интервенцијата претставува значаен чекор во лекувањето на пациентите со ретки заболувања и отвора нова можност за подобрување на квалитетот на животот на детето.
Одлуката на мајката да биде жив дарител следувала по спроведените медицински испитувања, со кои била потврдена компатибилноста меѓу неа и детето. По деталната процена, таа била оценета како соодветен донор за трансплантацијата.
Министерот за здравство Сашо Клековски го оцени случајот како пример за стручност, тимска работа и човечност во здравствениот систем.
„Ова е пример за најдоброто во нашето здравство – стручност, тимска работа и човечност. Секој трансплантиран бубрег значи нова шанса за живот“, изјави Клековски.
Покрај оваа интервенција, пред неколку дена на Универзитетската клиника за урологија биле извршени уште две трансплантации на бубрег од починат дарител. Со тоа, во рамки на трите интервенции, кај двајца пациенти биле трансплантирани органи од починат дарител, додека кај третиот бил применет орган од жив донор.
Со последните три интервенции, бројот на трансплантации на бубрег на Универзитетската клиника за урологија од почетокот на годинава достигнал 15. За споредба, во текот на целата 2025 година биле реализирани вкупно 11 вакви трансплантации.
Алпортовиот синдром е наследно заболување кое првенствено ги зафаќа бубрезите, а може да предизвика и други здравствени компликации. Кај пациентите со потешка клиничка слика, болеста може да напредува до бубрежна слабост, поради што е потребно лекување со дијализа или трансплантација.
Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, упати благодарност до семејството за довербата и согласноста случајот да биде споделен со јавноста, како и до медицинските тимови вклучени во сложената постапка.
Случајот ја нагласува важноста на навремената дијагностика, деталната медицинска процена и координацијата меѓу здравствените професионалци, особено при лекувањето на пациентите со ретки генетски заболувања.