Поголема конкуренција, повеќе транспарентност и дигитализација на постапките се дел од новините што ги носат измените на Законот за јавните набавки, усвоени на 122. собраниска седница. Со законските измени се предвидуваат механизми за поефикасно трошење на јавните пари, подобар надзор над постапките и спречување можни злоупотреби.
Измените се резултат на досегашната примена на законот, потребата од приспособување кон актуелните економски услови, но и реформските приоритети предвидени во Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.
Една од новините е унапредувањето на Електронскиот пазар на набавки од мала вредност, со цел да се зголеми неговата употреба и да се поттикне учеството на поголем број економски оператори. Истовремено, се воведува задолжителна примена на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“. Тоа значи дека при изборот на најповолната понуда, покрај цената, ќе се оценуваат и квалитетот и долгорочната оправданост на понуденото решение.
Законските измени предвидуваат и поголема примена на дигиталните технологии. Бирото за јавни набавки ќе добие проширени надлежности за користење современи дигитални алатки, вклучително и решенија базирани на вештачка интелигенција. Нивната цел е да овозможат поефикасно следење на постапките, навремено откривање ризици и полесно препознавање на потенцијални неправилности. Дополнително, се создава правна основа за воспоставување веб-сервиси и автоматска размена на податоци со други институции и релевантни субјекти.
Во делот на транспарентноста, се воведува обврска за објавување известување за доброволна претходна транспарентност во законски утврдените случаи на преговарање без објавување оглас. Со ова треба да се овозможи подобар увид во постапките и за јавноста и за економските оператори, а истовремено да се поедностават одредени административни процедури.
Промени се предвидени и во професионализацијата на службениците за јавни набавки. Наместо периодично повторно полагање испит за ресертификација, ќе се воведе систем на континуирано професионално усовршување. Дополнително, се усогласуваат вредносните прагови за примена на законот со економските услови и растот на трошоците, а се ревидираат и надоместоците за жалбената постапка, со задржување на принципот на достапна и ефикасна правна заштита.
Усвоените измени се дел од пошироките реформи за усогласување на системот на јавни набавки со европските стандарди. Очекуваната цел е постапките да бидат потранспарентни, конкуренцијата поголема, а јавните средства да се користат поодговорно и поефикасно.