Јавните обвинители денеска гласаат за нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кој треба да го наследи Ислам Абази. Во трката за функцијата се петмина кандидати, а изборот се спроведува со непосредно и тајно гласање.
За довербата на колегите се натпреваруваат Фатон Азизи и Искра Хаџи Василева од ОЈО ГОКК, Трајче Пеливанов и Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, како и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.
Според информациите што ги пренесе МИА, право на глас имаат 187 јавни обвинители. Гласачките места се отворени од 8 до 16 часот, по што резултатите ќе бидат сумирани на јавна седница. Изборот го спроведува комисија формирана од Советот на јавните обвинители, во која членуваат Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.
Кандидатите ги претставија своите програми пред Советот на 13 октомври. Меѓу приоритетите што ги посочија се зајакнувањето на истражните капацитети, финансиските истраги, борбата против перењето пари, кадровското доекипирање и поголемата ефикасност во постапувањето.
Изборот се одржува поради истекувањето на мандатот на Ислам Абази. Тој претходно најави дека нема да се кандидира за втор мандат и дека по завршувањето на функцијата планира да се врати во Вишото јавно обвинителство Гостивар.