Две домашни компании доставиле понуди на тендерот на Град Скопје за проектирање, набавка и поставување монтажни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза“. Рокот за пријавување е завршен, а градските служби треба да ја проверат документацијата пред да биде избран изведувач.
– Во наредните денови, нашите служби ќе ја проверуваат целокупната обемна документација за да се провери исполнувањето на критериумите, а со тоа и релевантноста на понудите – соопштија од Град Скопје.
Оттаму најавуваат дека по оценувањето на понудите ќе биде донесена одлука за избор на фирмата задолжена за проектирање и изградба на монтажните катни паркинзи. Доколку постапката се одвива според планираното, активностите би почнале на почетокот од следната година.
Тендерот, објавен на 18 септември, предвидува тригодишен договор за две монтажни гаражи со вкупна површина од нешто над 8.000 квадратни метри. Со нив треба да се обезбедат повеќе од 500 паркинг-места во Клиничкиот центар.
Првата гаража е планирана на постојниот паркинг меѓу Клиниката за гинекологија и акушерство и Ургентниот хируршки центар. Втората, со површина од речиси 5.000 квадратни метри, треба да биде поставена меѓу Ургентниот хируршки центар и Институтот за трансфузиологија.
Изградбата на монтажни гаражи во Клиничкиот центар се најавува со години. Претходниот обид преку јавно-приватно партнерство со албанската компанија „Ѓока констракшн“ не заврши со склучување договор.
Според најавениот концепт на Град Скопје, со новите гаражи ќе управува ЈП „Градски паркинг“, кое и досега стопанисува со паркиралиштата во комплексот.