Решението за Барутана е донесување сериозно ревидиран детален урбанистички план, кој ќе ги заштити постојните жители и ќе го спречи неоправданото ширење на градбите, смета архитектката Билјана Филиповска Тодорчевска, советничка од „Шанса за Центар“ во Општина Центар.
Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, таа објасни дека оставањето на населбата без план не е решение, бидејќи на староседелците треба да им се овозможи да ги уредуваат и развиваат своите домови.
„Мојот став е дека планот треба да се донесе, меѓутоа сериозно да се ревидира“, порача таа.
Според бројките што ги изнесе, Генералниот урбанистички план за овој простор предвидува 6.500 квадратни метри станбена површина, постојната изнесува околу 13.000, а со предложеното решение би достигнала 28.000 квадратни метри.
Таа смета дека таквото зголемување е неприфатливо и дека развојот на населбата треба да се усогласи со планските ограничувања, условите на теренот и потребите на жителите.