Хаотични сцени во албанскиот парламент, додека протестите против владата на Еди Рама продолжуваат веќе 18 дена. Опозициските пратеници денеска ја блокираа собраниската говорница, палеа факели и свиреа со свирчиња, со што го попречија одржувањето на пленарната седница и предизвикаа два прекини.
Во меѓувреме, премиерот Еди Рама повторно упати повик за дијалог до демонстрантите, но тие не отстапуваат од барањето тој да поднесе оставка, објавува албанскиот медиум „Јуронујз“.
Рама утрово повторно ги повика студентите на разговори, иако тие досега ги одбиваа неговите повици. На социјалните мрежи објави фотографии од столчињата поставени пред кабинетот на премиерот, како симболична покана за средба со студентите.
Сепак, албанскиот премиер јасно стави до знаење дека не планира да се повлече од функцијата и ја отфрли можноста за оставка.
Протестите во изминатите денови беа проследени со тензии, судири со полицијата, апсења и повредени демонстранти. На незадоволните граѓани им се приклучија и универзитетски професори, кои најавија бојкот на наставата на факултетите.