Стотици граѓани од Македонија наседнале на интернет-измама со лажни инвестиции, привлечени од ветувања за брза и сигурна заработка. Полицијата поднела кривични пријави против 56-годишна битолчанка и државјанин на Естонија, осомничени дека организирале шема преку која граѓаните биле наведувани да вложуваат пари во непостоечки инвестиции.
Според досегашните сознанија, измамата се одвивала од декември 2025 до април 2026 година. Преку мобилна апликација и комуникациски канал со неколку стотици претплатници, осомничените наводно нуделе високи добивки, убедувајќи ги граѓаните да уплаќаат средства на лажна интернет-платформа.
Наместо ветениот профит, граѓаните останале без вложените пари, а причинетата финансиска штета се оценува како значителна.
Случајот бил предмет на повеќемесечна истрага во која учествувале домашни и странски институции. Од осомничената битолчанка биле одземени електронски уреди, а преку анализа на криптовалутните трансакции биле обезбедени информации за сопственикот на криптопаричникот.
Иако се претпоставува дека се оштетени стотици граѓани, само мал дел ја пријавиле измамата. Според информациите, дел од жртвите се срамеле да признаат дека биле измамени.
Полицијата предупредува на зачестената појава на вакви измами и апелира граѓаните да бидат особено внимателни со интернет-платформи што ветуваат висока и гарантирана заработка за кратко време.