Свештеникот Стеван Здравески од Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА преку објави на Фејсбук ги повика верниците да не ги прифаќаат дигиталните лични документи, чие воведување го најавува министерот Стефан Андоновски.
Здравески тврди дека дигиталниот идентитет го сведува човекот на идентификациски број и дека со тоа се бришат неговото име и личниот идентитет. Во објавите тој ја споредува дигитализацијата со нумерирањето затвореници и луѓе одведувани во логори.
Своето противење го образложува со религиозни толкувања, наведувајќи дека името има централно значење во црковниот живот, од крштевањето до погребувањето.
„На Бога Му е важен ликот и името, затоа во Црквата најважно е името“, пишува свештеникот.
Во една од објавите Здравески го нарекува Андоновски „антихрист“, а прифаќањето дигитален идентитет го опишува како влегување во „дигиталниот логор на сатаната“. Притоа се повикува на библиското Откровение и на бројот 666.
Овие тврдења се лични религиозни толкувања на свештеникот. Во пренесените објави тој не наведува докази дека дигиталните документи го бришат името или личниот идентитет на граѓаните.