Македонија

Алта банка Битола: Работиме непречено, клиентите имаат пристап до парите

Алта банка Битола: Работиме непречено, клиентите имаат пристап до парите

Алта банка АД Битола соопшти дека е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење, по одлуката на Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на Алта банка АД Белград. Од битолската банка уверуваат дека клиентите имаат непречен пристап до средствата и можат да ги извршуваат сите банкарски трансакции според вообичаените услови.

„АЛТА банка АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење“, се наведува во соопштението. Банката посочува дека експозитурите и банкоматите работат во вообичаен режим, а клиентите можат слободно да располагаат со депозитите и да подигнуваат готовина.

Реакцијата доаѓа откако српскиот регулатор на 31 октомври соопшти дека дозволата ѝ е одземена на белградската банка по значително влошување на финансиската состојба и утврдени ризици за интересите на депонентите. На одлуката ѝ претходеле контролни активности насочени кон зголемување на ликвидноста.

Од Алта банка Битола нагласуваат дека се самостојно правно лице, регистрирано во Северна Македонија, кое работи според домашната регулатива и е под непосредна супервизија на Народната банка.

„Настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на АЛТА банка АД Битола“, велат од банката.

Во соопштението се наведува дека банката располага со сопствен капитал, средства и обврски, а депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, според законските услови и лимити.

Банката оценува и дека околностите во Македонија суштински се разликуваат од оние во Србија. Според нејзиниот став, Алта банка Битола не е предмет на политички притисоци и пресметки од карактерот на оние со кои таа ги поврзува случувањата во Србија. Ова е оценка на банката; српскиот регулатор во образложението за одземањето на дозволата наведува финансиски и ликвидносни причини.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни