Граѓани денеска чекаат ред за повлекување пари пред главната експозитура на Алта банка во Битола. Снимките кои утрово ги направи екипата на 4news.mk се гледаат луѓе собрани пред влезот и на скалите на експозитурата, дел од нив со чадори.
Ова се случува откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград поради значително влошување на финансиската состојба и загрозување на интересите на депонентите. Одлуката се однесува на банката во Србија.
Од Алта банка АД Битола, пак, денеска соопштија дека банката е ликвидна и продолжува со стабилно и непречено работење.
Во соопштението банката наведува дека е самостојно правно лице, регистрирано во Северна Македонија, кое работи според домашната регулатива и е под непосредна супервизија на Народната банка. Според банката, експозитурите и банкоматите работат во вообичаениот режим, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства.
Засега нема потврдени информации за застој или ограничувања при исплатата во битолската експозитура.