Обилните врнежи и најавеното невреме предизвикаа сериозни превентивни мерки во јужна Италија, каде што властите ги повикаа граѓаните да избегнуваат непотребни движења и да бидат особено внимателни. Во делови од земјата е прогласено портокалово предупредување, а во повеќе градови наставата е прекината поради опасност од поплави.
Училиштата во повеќе населени места во регионите Пуља и Базиликата денеска останаа затворени, откако за овие подрачја беше активирано портокалово ниво на тревога поради неповолните временски услови.
Одделот за цивилна заштита, во координација со погодените региони, издаде ново предупредување за невреме. Регионалните власти се задолжени за активирање на локалните механизми за заштита и спасување, пренесува АДН Кронос.
Покрај Пуља и Базиликата, каде што е на сила портокалово предупредување, жолт аларм е прогласен и во Калабрија, Кампанија, Молизе, Абруцо и Сицилија.
Поради очекуваните обилни врнежи, локалните власти во Пуља воведоа дополнителни безбедносни мерки. Наставата е прекината во Сан Северо, во покраината Фоџа, како и во Лече и Бриндизи.
Во Барлета ќе се врши засилен надзор над патиштата и подвозниците, особено на локациите каде што постои опасност од задржување и излевање на водата. Доколку се процени дека постои ризик по безбедноста, овие делници може целосно да бидат затворени и за возила и за пешаци.
Дополнителни ограничувања се воведени и во Лече, каде што општината нареди привремено затворање на гробиштата, градскиот парк и пазарите за време на предупредувањето.
Локалните власти упатија апел до граѓаните да ги сведат патувањата на минимум, да не минуваат низ подвозници и да избегнуваат престој во паркови и на други потенцијално опасни места додека трае невремето.