Вршителката на должноста претседателка на Бугарија, Илијана Јотова, победи во вториот круг од претседателските избори и стана првата жена на оваа функција, според речиси конечните резултати на Централната изборна комисија објавени во понеделник.
По обработени 99,95 проценти од гласачките ливчиња, Јотова освои 57,58 отсто од гласовите, односно околу 1,1 милион, додека нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров, поддржан од прозападната опозиција, доби 39,47 отсто или блиску 749.500 гласови.
Јотова ја презеде функцијата вршителка на должноста претседателка во јануари, кога нејзиниот долгогодишен сојузник, премиерот Румен Радев, поднесе оставка за да се кандидира и да победи на парламентарните избори со програма што многу политички аналитичари ја сметаат блиска до Кремљ, пишува Ројтерс. Поранешна новинарка и поранешна пратеничка во Европскиот парламент, таа девет години ја извршуваше функцијата потпретседателка заедно со Радев.
Нејзината победа доаѓа во момент кога 21 лице и понатаму се води како исчезнато по серијата напади со беспилотни летала минатиот месец врз трговски бродови во Црно Море. Се смета дека нападите се последица на војната на Русија против Украина.
Јотова изјави дека мир со Русија може да се постигне само преку преговори. По гласањето во неделата, порача дека сака Бугарија да биде силна во силна Европа и суверена во своите одлуки. Во последните денови од кампањата рече дека „сите треба да го повикаат претседателот Владимир Путин“, а себеси се опиша како „претседателка на мирот“. Таа се спротивставува на испраќањето воена помош за Украина. Во телевизиското соочување со противкандидатот се заложи за постигнување договор во кој би учествувале и Украина и Русија, и предложи безбедносна средба на шесте црноморски држави на која би се потпишал мораториум на непријателствата.
Функцијата бугарски претседател е претежно церемонијална. Иако шефот на државата нема извршни овластувања и клучните политички одлуки мора да ги одобри парламентот, непосредниот избор му дава поголем политички авторитет. Претседателот е врховен командант на вооружените сили, може да стави вето на закони, потпишува меѓународни договори и именува амбасадори. Мандатот трае пет години со можност за најмногу два мандата.