Здружението на иселениците од Челопек во Швајцарија упати честитки до жителите на општината по изборната победа и му посака успех на новиот градоначалник Аркин Јахији, како и на неговиот тим во претстојниот мандат.
Во објавата на социјалните мрежи, здружението го истакнува единството и граѓанската свест што, според нив, ги покажале жителите за време на изборниот процес. Посочуваат дека заеднички демонстрирале како треба да изгледа еден демократски процес.
„За родниот крај нема замор, има само љубов“, порачуваат од здружението, упатувајќи благодарност до сите што придонеле за изборната победа.
Воедно, испраќаат порака за поддршка и до македонската дијаспора, посакувајќи ѝ здравје и заштита, а на новото општинско раководство му порачуваат дека по изборите следува период на работа и исполнување на очекувањата на граѓаните.
Новоизбраниот градоначалник на Брвеница, Аркин Јахији, синоќа по објавувањето на резултатите изрази особена благодарност на граѓаните во дијаспората кои придонеле за неговата победа.
„И благодарам на нашата драга дијаспора, која не штедеше ништо. Бог нека ве награди. Ние ќе бидеме вашиот глас во татковината. Денес излеговме со кренати глави. Немам зборови да ја опишам оваа емоција“, рече Јахији.