Драматичен инцидент го прекина редовниот лет на авиокомпанијата „Визер“ од Лондон кон Софија, откако за време на летот била добиена дојава за поставена бомба. Авионот бил пренасочен кон Будимпешта, каде што безбедно слетал под придружба на унгарски борбен авион.
Информацијата ја потврдија од „Визер“, додека унгарскиот министер за одбрана, Ромулуш Русин-Сенди, соопшти дека борбен авион „Грипен“ бил испратен во рок од неколку минути за да го придружува патничкиот авион до безбедно слетување.
Од авиокомпанијата информираат дека летот од лондонскиот аеродром Лутон кон Софија бил пренасочен поради безбедносната закана.
Авионот слетал на меѓународниот аеродром „Лист Ференц“ во Будимпешта, по што бил упатен на посебно определена позиција. Таму надлежните служби започнале со безбедносни проверки на леталото и патниците.
„Визер“ соопшти дека целосно соработува со надлежните институции и дека безбедноста на патниците и екипажот е највисок приоритет на компанијата.
По слетувањето биле преземени и дополнителни полициски мерки, информираше унгарскиот министер за одбрана.
Според податоците на „Флајтрадар24“, авионот полетал од Лондон во 8:33 часот и требало да пристигне во Софија околу 13:25 часот по локално време. Сепак, неговата маршрута била променета, па леталото се упатило кон Унгарија, надлетувајќи ја Босна и Херцеговина.
Засега не се објавени детали за тоа кој ја упатил дојавата, дали станува збор за закана добиена во авионот или на земја, ниту дали при проверките бил пронајден сомнителен предмет. Не е потврдено ниту дали патниците и екипажот веќе го напуштиле авионот.