Граѓаните кои имаат депозити во македонските банки се заштитени преку Фондот за осигурување на депозити до законски утврдениот износ од 30.000 евра, но за средствата над овој праг евентуалното обесштетување зависи од имотот на банката во стечајна постапка. Ова го објасни Кирил Миноски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, говорејќи за состојбата со Алта банка.
Според него, воспоставувањето на системот за осигурување на депозитите одиграло значајна улога во враќањето на довербата на граѓаните во банкарскиот сектор.
„Во Македонија е воспоставен систем на осигурување на депозитите преку Фондот за осигурување на депозити. Горниот лимит кај нас е 30.000 евра. Тоа многу придонесе за враќање на довербата кај штедачите, бидејќи знаат дека до тој износ ќе бидат целосно обесштетени доколку банката пропадне“, истакна Миноски.
Тој потсети дека во минатото постоеле иницијативи за зголемување на прагот на осигурените депозити на 50.000 евра, со цел дополнително стимулирање на штедењето и вложувањето во банките, но таквата промена не била реализирана.
Миноски објасни дека за депозитите над законски гарантираниот износ ситуацијата е посложена, бидејќи наплатата на преостанатите средства зависи од расположливиот имот на банката во евентуална стечајна постапка.
Особено нагласи дека во случајот со Алта банка во Македонија засега не се исполнети условите за исплата преку Фондот за осигурување на депозити.
„Исплатата од Фондот за осигурување на депозити не е можна доколку банката е активна. Во дадениот случај сè уште не се исполнети законските услови за да започне исплата на депозитите преку Фондот, бидејќи банката не е во стечајна постапка“, објасни Миноски.
Тој посочи дека разликата меѓу привремено ограничување на користењето на средствата и стечај на банка е суштинска, бидејќи станува збор за различни правни и финансиски ситуации.