Евентуален стечај на Алта банка во Македонија би можел да предизвика сериозни ликвидносни проблеми кај компаниите, јавните претпријатија и институциите кои имаат депонирано финансиски средства во банката. Ова го предупреди Кирил Миноски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, нагласувајќи дека станува збор за непосакувано сценарио кое би можело да има пошироки економски последици.
Во разговорот беше посочено дека во Алта банка се депонирани значителни финансиски средства, меѓу кои и депозити на правни лица, јавни претпријатија и локални самоуправи.
Миноски истакна дека нема прецизни податоци колкав дел од средствата им припаѓаат на приватните компании, а колкав на јавните претпријатија и другите институции.
Сепак, според него, доколку дојде до стечај, тоа би можело директно да се одрази врз нивната способност да ги исполнуваат тековните финансиски обврски.
„Ако вакво непосакувано сценарио се случи, ќе имаме ликвидносни проблеми, ќе имаме сериозни проблеми кај оние државни институции или компании кои евентуално би ги изгубиле сопствените парични средства. Може да се доведе во прашање и непреченото функционирање и извршувањето на нивната дејност“, изјави Миноски.
Тој предупреди дека последиците би можеле да се почувствуваат и врз јавните финансии, особено доколку одредени јавни претпријатија или буџетски институции останат без пристап до средствата потребни за редовно работење.
Во таква ситуација, според Миноски, државата би можела да се соочи со потреба од дополнителна финансиска интервенција.
„Доколку јавните претпријатија не можат да располагаат со своите средства, ќе мора да се бара решение. Евентуално, државата би можела да биде гарант за некој кредит или ќе треба да се издвојуваат средства, доколку станува збор за буџетска институција, за да можат непречено да работат“, посочи Миноски.
Тој нагласи дека токму поради ваквите можни последици е неопходно институциите навремено да најдат решение кое ќе овозможи стабилизирање на состојбата и ќе спречи дополнителни ризици за економијата.