Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, смета дека медиумските информации и шпекулациите за наводно изнесување големи суми пари придонеле за нарушување на довербата во Алта банка во Србија. Во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, тој ја бранеше и одлуката на Народната банка да дозволи српската Алта банка да ја преземе поранешната Стопанска банка – Битола.
„Еве, сега пишуваа медиумите и тие ја урнаа Алта банка, тие шпекулации дека се изнесуваат пари. Кога се создава атмосфера на недоверба, знаете, банките се кршливи, кревки институции, тие работат на доверба“, изјави Славески.
Неговата реакција следуваше по новинарско прашање за претходните медиумски извештаи, вклучително и пишувањата на угледниот британски весник „Фајненшл тајмс“, во кои се отворале прашања за работењето на српската банка и нејзината поврзаност со бизнисменот Давор Мацура.
„Не сте го прочитале демантот, веројатно. „Фајненшл тајмс“ може сè да напише, тоа се дневни весници и така натаму. Да не се поведуваме по тоа“, рече гувернерот.
Во однос на одлуката за преземањето на Стопанска банка – Битола, Славески објасни дека Народната банка спровела постапка на проверка и побарала мислења од повеќе меѓународни регулаторни институции.
Според него, пред одобрувањето на преземањето биле испратени писмени барања до супервизорските институции во Австрија, Европската централна банка и други надлежни регулатори.
Тој посочи дека Европската централна банка претходно дала согласност Алта групацијата да стекне удел од 10 проценти во австриската Адико банка, што било еден од елементите земени предвид при оценувањето на инвеститорот.
Славески не прифати дека направил грешка при одобрувањето на влезот на српската банка на македонскиот пазар. Тој нагласи дека одлуката не ја носел самостојно, туку врз основа на предлог од надлежната супервизија.
„Акционерот беше Алта банка во Белград. За нас е важно дека имаше лиценца од Народната банка на Србија. Не можам да знам дали некој стои зад името на Мацура, не знам дали тој е вистинскиот сопственик“, изјави Славески.
Тој додаде дека во моментот на преземањето постоело уверување дека српската банка ги исполнува потребните услови за да стане акционер во домашна банка.
„Ние бевме убедени дека банка која успешно работи во Србија, која е регулирана од нивната централна банка и има ревидирани извештаи, ги задоволува условите да стане акционер во наша банка, во услови кога имавме банка пред пропаѓање, а тоа беше Стопанска банка – Битола“, рече гувернерот.
Изјавите доаѓаат во период на сериозна неизвесност околу Алта банка, по одземањето на дозволата за работа на нејзината матична банка во Србија и воведувањето привремена администрација во македонската банка.
Во Македонија се воведени и ограничувања за располагање со средствата на клиентите, вклучително и неделен лимит од 10.000 денари за одредени трансакции на граѓаните.
Во меѓувреме, во јавноста се отвораат прашања за заштитата на депозитите, иднината на банката и постапката со која српскиот инвеститор добил дозвола за преземање на домашната финансиска институција.
Славески останува на ставот дека при одобрувањето на преземањето биле почитувани процедурите и дека медиумските шпекулации можат да предизвикаат сериозни последици врз банките, чија стабилност во голема мера зависи од довербата на клиентите.