Пратка од 19.350 килограми јаболка од Македонија е запрена во Бугарија, откако лабораториските анализи покажале остатоци од пестициди над максимално дозволените нивоа. Јаболката нема да бидат пуштени на пазарот на Европската Унија, а целата пратка ќе биде вратена во земјата испраќач.
Ова го соопштила Бугарската агенција за безбедност на храната (БАБХ), пренесува бугарската телевизија бТВ. Одлуката за враќање е донесена по утврдената неусогласеност со барањата за безбедност на храната.
Според агенцијата, пратката е откриена во рамките на засилените контроли на свежото овошје и зеленчук наменети за бугарскиот пазар. Од БАБХ најавуваат дека контролите продолжуваат за да се спречи продажба на храна што не ги исполнува безбедносните услови.