Бројот на потврдени случаи на морбили во земјава се зголеми на пет, откако е регистрирано уште едно заразено лице – едноиполгодишно дете. Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека меѓу досега заболените има три бебиња и еден маж на 45-годишна возраст, сите македонски државјани, како и едно лице од Косово.
Клековски посочи дека постои прелиминарна епидемиолошка поврзаност меѓу случајот на странскиот државјанин и трите домашни случаи, но нагласи дека за официјална потврда ќе се почека анализата на Институтот за јавно здравје.
„Имаме прелиминарна поврзаност меѓу странскиот државјанин и тие три домашни случаи, меѓутоа би почекал епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје да биде готова и тоа службено да го соопштиме“, изјави министерот.
Во однос на можноста за масовна вакцинација и дополнителни мерки за опфат на невакцинираните деца, Клековски рече дека постојано апелира на свеста и одговорноста на граѓаните. Според него, присилните мерки не се решение, бидејќи можат да предизвикаат дополнителен отпор кон имунизацијата.
Тој ги повика граѓаните да ги проверат своите вакцинални картони и да утврдат дали примиле две дози вакцина или ја прележале болеста. Министерот сподели и лично искуство, посочувајќи дека морбилите ги прележал на 15-годишна возраст и дека болеста ја поминал многу тешко.
Апел до родителите да не ги носат децата во градинка и училиште при симптоми
Министерот потсети дека лицата кај кои ќе се појават симптоми карактеристични за морбили треба најпрво телефонски да се консултираат со лекар, наместо директно да одат во здравствена установа. Причината е високата заразност на вирусот, кој може да остане активен во воздухот и до два часа.
Клековски ги повика родителите децата со симптоми да не ги носат во градинки и училишта, предупредувајќи дека престојот на заразени лица во чекалните и ходниците на здравствените установи може да го зголеми ризикот од ширење на инфекцијата.
Тој нагласи дека вакцинацијата е особено важна за заштита на најмалите, кои сè уште не можат да ја примат вакцината. Според него, во земјава постојано има околу 15.000 бебиња кои се изложени на одреден ризик, како и повозрасни лица кои не се вакцинирани.
Во меѓувреме, се испитуваат примарните и секундарните случаи, како и нивните контакти, а се спроведува и инспекциски надзор во здравствените установи каде што постоела можност за контакт со заразени лица.
Претставникот на Светската здравствена организација и шеф на Регионалната канцеларија на СЗО во Северна Македонија, д-р Аким Али, истакна дека родителите имаат клучна улога во спречувањето на ширењето на болеста. Тој посочи дека посебна заштита треба да добијат и бремените жени, бидејќи инфекцијата со морбили може да предизвика сериозни компликации, вклучително и вродени малформации.
Али нагласи дека целта е опфатот со вакцинација да достигне 95 проценти, што е потребното ниво за колективна заштита. Според него, стапката на имунизација во земјава сè уште е под тој праг, но Министерството за здравство, во соработка со заедниците и центрите за јавно здравје, работи на нејзино зголемување.