Новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, порача дека независноста на обвинителите мора да биде заштитена од какви било надворешни влијанија, нагласувајќи дека личниот интегритет и професионалноста се клучни во справувањето со притисоците.
Според неа, притисоците се реалност во обвинителската професија, но секој обвинител мора да има јасно поставени граници и да носи одлуки исклучиво врз основа на законите, фактите и доказите.
Одговарајќи на прашањето како би реагирала доколку добие телефонски повик од висок државен функционер, вклучително и од премиерот, Хаџи Василева истакна дека комуникацијата и соработката меѓу државните институции се неопходни, но дека тоа не смее да подразбира мешање во конкретни обвинителски предмети.
„Не е ништо спорно државните институции да соработуваат. Но, ако станува збор за интервенции или ургенции, тоа е веќе друго прашање. Ние, според Уставот, сме самостојни и одлучуваме врз основа на право, факти и докази“, нагласи Хаџи Василева.
Таа очекува обвинителите да покажат професионална отпорност и да не дозволат политички или други надворешни влијанија да го нарушат нивното работење.
Хаџи Василева треба официјално да ја преземе раководната функција по завршувањето на законските процедури, во наредните две недели. Како првични приоритети ги посочува подобрувањето на внатрешната организација и зголемувањето на ефикасноста во кривичниот прогон.