Македонија

Славески се извини на новинарите: Особено ми паѓа тешко доколку мојата изјава е разбрана поинаку

Славески се извини на новинарите: Особено ми паѓа тешко доколку мојата изјава е разбрана поинаку

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, упати извинување до новинарите доколку неговата изјава дека медиумите придонеле за пропаѓањето на „Алта банка“ била погрешно разбрана или навредила некого од новинарската фела.

Во појаснување објавено на социјалната мрежа Х, Славески истакна дека неговата изјава во емисијата „Топ тема“ на Телма се однесувала исклучиво на случувањата во Србија, а не на македонските медиуми.

Тој објасни дека кога рекол оти „медиумите ја урнаа банката“, мислел на шпекулациите и непроверените информации што се појавувале во српските медиуми неколку дена пред одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ од Белград.

„Во ниту еден момент не мислев на ‘Алта банка’ АД Битола, ниту, пак, сакав да ја доведам во прашање професионалноста на македонските медиуми. Тоа беше смислата на мојот одговор“, појасни Славески.

Во однос на случувањата во Македонија, гувернерот оцени дека прес-конференциите на СДСМ придонеле за создавање недоверба и дополнителен притисок, во околности во кои била воведена заштитната мерка за ограничување на исплатите на 10.000 денари неделно.

Славески нагласи дека ја почитува работата на новинарите и дека немал намера да ја навреди новинарската професија.

„Особено ми паѓа тешко доколку мојата изјава е разбрана поинаку од новинари и припадници на новинарската фела чија работа исклучително ја почитувам и чии текстови редовно ги читам. Доколку со мојата формулација, макар и ненамерно, сум навредил некого од новинарската фела, искрено се извинувам. Тоа во никој случај не беше мојата намера“, порача гувернерот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни