Проектот за реновирање на дискотеката „Пулс“ во Кочани не бил ревидиран, немал соодветна противпожарна документација и не бил доставен до надлежната општина. Ова на денешното судско рочиште го посочил вештак предложен од одбраната на обвинетата Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци Проект“.
Според неговото сведочење, проектната документација содржела три фази, но недостасувала ревизија на делот за противпожарна заштита. Дополнително, проектот не бил доставен до Општина Кочани за спроведување на потребните постапки.
Вештакот оценил дека без таква постапка документот не може да се смета за валиден, опишувајќи го проектот како „лист хартија“.
Обвинителството ги оспори вештачењата на одбраната
На рочиштето реагирало и обвинителството, кое го оспорило сведочењето на градежен вештак предложен од одбраната на Дејан Јованов Деко.
Според обвинителите, тврдењето дека дискотеката „Пулс“ ги исполнувала потребните услови е во суштинска спротивност со фактичката и правната состојба.
Обвинителството посочило дека вештакот и самиот признал оти нема стручни квалификации за повеќе области што се значајни за утврдување на околностите во случајот.
Особено бил оспорен начинот на кој во вештачењето биле третирани недостатоците во системот за евакуација и противпожарната заштита.
„Во сите три вештачења воопшто не може да се препознае настанот за кој се изработени. Со оглед на тоа што последицата ја нема никаде, ниту на почетокот, ниту во заклучоците, ова вештачење содржи противречности и ограничувања и не може да се прифати како целосно стручна и релевантна основа за утврдување на фактичката состојба“, реагирало обвинителството.
Родителите на загинатите бараат одговорност
На судското рочиште реагирале и родителите на жртвите од трагедијата, кои побарале одговори за тоа кој ја проверувал документацијата, дали биле спроведени законските процедури и како било дозволено објектот да продолжи со работа.
Тие нагласиле дека документацијата не смее да служи како оправдување за евентуални незаконитости и институционални пропусти.
Според родителите, доколку надлежните институции навремено постапеле и го затвореле објектот, дискотеката „Пулс“ немало да работи на 16 март 2025 година, кога се случи трагедијата.
Судскиот процес ќе продолжи со сослушување сведоци предложени од одбраната и изведување материјални докази.