Јовица Андовски е именуван за нов директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), на местото на досегашниот директор Оливер Миланов, соопшти Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) преку објава на социјалните мрежи.
Од партијата упатија честитки до Андовски, кој претходно долги години ја извршуваше функцијата заменик-министер за здравство, оценувајќи дека неговото искуство, професионалност и посветеност биле препознаени од партиското и државното раководство.
„Со својата одговорност, сериозност и посветеност кон Социјалистичката партија на Македонија, Јовица Андовски претставува пример за приврзан и чесен партиски член“, наведуваат од СПМ.
Партијата истовремено му се заблагодари на досегашниот директор Оливер Миланов за неговото раководење со Агенцијата и за, како што посочуваат, успешното претставување на СПМ на чело на оваа институција.
Од СПМ оценуваат дека ангажманот на Миланов претставува основа за негово идно преземање високи и одговорни функции во извршната власт.
„Неговиот вложен труд и несебичен ангажман, високо оценети во СПМ и во јавноста, претставуваат негов личен залог за идно извршување на одговорни и високи должности“, се наведува во партиското соопштение.
Од Социјалистичката партија порачуваат дека ќе продолжат со своето политичко дејствување и ангажман во интерес на граѓаните и државата.