Од утре, четврток, 5 ноември, клиентите на „Алта банка“ АД Битола кои имаат платежни сметки, но немаат платежни картички, ќе можат да подигнат готовина во главната филијала во Битола. Максималниот дозволен износ е 20.000 денари за период од две недели, а исплатата ќе се врши според термини доставени преку СМС-порака.
Најавата се однесува особено на пензионерите и примателите на социјална помош кои немаат картички за пристап до своите средства.
Во филијалата на улицата „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21 ќе бидат отворени повеќе шалтери. Работата во две смени започнува од петок, 6 ноември, а ќе ја опфати и сабота, 7 ноември.
Клиентите ќе добијат порака со точниот ден и час за посета. Од банката апелираат да се почитува распоредот за да се избегнат гужви и подолго чекање. За оние кои нема да можат да дојдат во определениот термин ќе бидат обезбедени дополнителни термини.
Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за исплата на готовина, без можност за извршување други банкарски трансакции.
И покрај најавениот почеток на исплатата од утре, денеска пред експозитурата во Битола повторно имало граѓани кои дошле да ги подигнат своите средства, но ја затекнале затворена. Дел од нив изразиле незадоволство од чекањето и од ограничениот пристап до парите.
„Не се отвори ништо. Го лажат народот. Си играат игрички со нас“, изјавила една од граѓанките.
Други дошле за да ја завршат постапката за префрлање на сметката во друга банка. Една граѓанка објаснила дека ѝ било кажано оти прво треба да направи одјава во „Алта банка“, а потоа да биде заведена во другата банка.
Паралелно се подготвува исплата на готовина и во други градови, за што клиентите дополнително ќе бидат известени.
Се работи и на решенија за компаниите со сметки во „Алта банка“ кои треба да исплатат плати и да ги подмират придонесите и другите обврски со рок до 15-ти во месецот.