Македонија

Тошковски: Жалам што Бугарија станува заштитник на осомничени и осудени криминалци

Тошковски: Жалам што Бугарија станува заштитник на осомничени и осудени криминалци

Истрагата за бегството на Ива Михаилова од Кочани во Бугарија сè уште е активна, а јавноста ќе биде информирана за сите активности на Министерството за внатрешни работи по нејзиното завршување, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Истрагата за пребегнувањето на Ива Михаилова од Кочани во Бугарија е сè уште активна. Во овој момент немаме информации што би можеле да ги споделиме со јавноста. Кога ќе ја затвориме, јавноста ќе биде информирана за сè што сработило Министерството за внатрешни работи“, изјави Тошковски.

Одговарајќи на новинарско прашање за односот на бугарските власти, откако официјални лица во Бугарија изјавиле дека нема да ја бараат ниту да ја екстрадираат Михаилова, министерот упати остри критики кон соседната држава.

„Навистина жалам што Бугарија станува заштитник на осомничени и осудени криминалци. Навистина жалам, тоа не доликува на една земја членка на Европската Унија и се надевам дека во иднина ќе го коригираат својот однос, во насока на вистинско имплементирање и почитување на европските вредности“, рече Тошковски.

Тој додаде дека заштитата на лица осомничени за криминал не е во согласност со принципите на една европска демократска држава.

„Заштита на криминал и заштита на луѓе што се сомничат за криминал не доликува на една европска демократска држава“, нагласи министерот.

Изјавите беа дадени по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026 – 2030 година.

Михаилова ја напушти Македонија и покрај судската забрана

Ива Михаилова, која поседува и бугарско државјанство, пребегна во Бугарија на 11 октомври, по што по неа беше распишана меѓународна потерница.

Против неа во Македонија се води судска постапка по обвинение за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Иако имала судска забрана за напуштање на државата, Михаилова успеала да замине во Бугарија.

По нејзиното бегство, МВР соопшти дека нема евидентиран излез од Македонија, ниту влез во Бугарија, што укажува дека државната граница била премината нелегално.

И нејзиниот татко се наоѓа во Бугарија

Во Бугарија се крие и нејзиниот татко, Симеон Михаилов, кој е правосилно осуден на 12 години и шест месеци затвор за обид за убиство.

И по него е распишана меѓународна потерница.

Засега од МВР не откриваат дополнителни детали за начинот на кој Ива Михаилова успеала да ја напушти Македонија и покрај судската забрана. Министерот најави дека повеќе информации ќе бидат објавени по завршувањето на истрагата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни