Македонија

Јаневска за скандалот со оценки во Штип: Злоупотребите се откриваат, одговорност мора да има

Јаневска за скандалот со оценки во Штип: Злоупотребите се откриваат, одговорност мора да има

Истрагата за сомнителните манипулации со студентски оценки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип повторно го отвори прашањето за злоупотребите во високото образование. Министерката за образование и наука Весна Јаневска порача дека ваквите појави не смеат да останат неказнети и дека надлежните институции мора да продолжат со нивното откривање.

Коментирајќи го случајот, Јаневска нагласи дека и покрај дигитализацијата на универзитетските системи, ризикот од незаконско постапување не може целосно да се исклучи, бидејќи со електронските бази управуваат луѓе.

„Секогаш ќе има поединци што ќе го злоупотребуваат системот, но битно е дека МВР и правдата функционираат“, изјави министерката, посочувајќи дека случајот е откриен и дека се води истрага.

Таа упати повик до студентите, професорите, административните службеници и граѓаните да не премолчуваат доколку имаат сознанија за корупција или други неправилности во образовните установи.

Според Јаневска, Државниот просветен инспекторат веќе постапувал по повеќе пријави, а дел од предметите добиле и судска разрешница или сè уште се во судска постапка. За актуелниот случај во Штип, како што појасни, постапува полицијата.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека истражните органи обезбедиле докази кои укажуваат на можни незаконски интервенции во електронската евиденција на студентите.

Под истрага е раководител на информатичкиот сектор на Универзитетот, осомничен дека неовластено вршел измени на оценки и испитни бодови. Во рамки на полициската акција биле извршени претреси на повеќе локации во Штип и Скопје.

Според првичните информации, сомнежите за неправилностите биле пријавени од студенти од Турција. Случајот следува по претходна истрага поврзана со сомнежи за поткуп при полагање испит, во која била опфатена универзитетска професорка.

Раководството на Универзитетот „Гоце Делчев“ соопшти дека нема да толерира корупција и злоупотреби во академската средина и дека на истражните органи им е овозможена целосна соработка.

Надлежното обвинителство ја продолжува постапката за утврдување на сите околности, додека евентуалната кривична одговорност на пријавените ќе се утврдува во согласност со законот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни