4NEWS.mk

Нови правила и инвестиции во паметни броила за побрза енергетска транзиција

Нови правила и инвестиции во паметни броила за побрза енергетска транзиција

Новата техничка и економска анализа за трошоците и придобивките за пазарот од воведување на нови паметни броила е веќе изготвена од страна на експертите од Електродистрибуција и предадена на разгледување во Регулаторната комисија за енергетика. Оваа анализа е законска обврска на компанијата, а истата е доставена до Регулаторната комисија за енергетика, како и до Секретаријатот на Енергетската заедница. По препорака на РКЕ, ќе следи одлука на Владата за воведување на паметни мерни системи, во која ќе се утврди динамиката на воведување од страна на операторот на електродистрибутивниот систем.

Согласно законската постапка, доколку анализата ја потврди оправданоста на воведувањето, РКЕ ѝ предлага на Владата да донесе соодветна одлука, со која се утврдува и динамиката на реализација. Ваквиот пристап треба да обезбеди модернизацијата да се спроведува врз основа на проценети трошоци и очекувани придобивки за корисниците и за електроенергетскиот систем. 

Анализата произлегува од регулативата опфатена со пакетот за „Чиста енергија“, кој покрај другото, треба да ја забрза енергетската транзиција и да создаде предуслов за развој на пазарите и поголема интерактивност помеѓу компаниите и потрошувачите. Дел од овие мерки предвидуваат и развој на паметни енергетски мрежи и воведување системи на т.н. паметни мерни уреди. 

Пакетот „Чиста енергија“,  предвидува модернизација на енергетскиот сектор и поактивно учество на потрошувачите на пазарот. Со Законот за енергетика, донесен во мај 2025 година, се поставува основата за развој на паметни мрежи и мерни системи, унапредување на правата на корисниците и приближување на домашниот пазар кон европските правила. 

Пошироката рамка за промените ја дава Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, усвоен од Владата на предлог на Министерството. Планот содржи 61 мерка, меѓу кои 26 за декарбонизација, 20 за енергетска ефикасност и 11 за развој на внатрешниот пазар на енергија. Предвидените активности ги поврзуваат новите инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија со развојот на системи за складирање, модернизацијата на инфраструктурата и регионалната енергетска соработка. 

Една од промените со непосредно значење за корисниците е поширокото воведување паметни мерни системи. Дел од корисниците веќе имаат паметни броила, а во континуитет се инвестира во модернизација, односно процесот е придружен и со инвестициски планови за унапредување на мерењето и ефикасноста на мрежата. До 2030 година Електродистрибуција планира 46 милиони евра за далечински и паметни броила, дополнителни 28,3 милиони евра за електронски броила и опрема, како и 39,7 милиони евра за намалување на загубите во системот. 

Инвестициите во паметни броила и во модернизација на мрежата се клучни за енергетската транзиција, но овие инвестиции можат да влијаат и врз растот на цената на струјата во иднина. 

Иако во моментот само дел од граѓаните имаат паметни броила, сите сметки се издаваат врз редовно отчитани броила. Од почеток на годинава до сега над 94 % од броилата биле отчитани, велат податоците од Електродистрибуција. Останатите 6% кои се читаат периодично, се броила сместени во викендички, оддалечени места или затворени внатре во објекти кои не се користат секојдневно. 

Податоците на месечно ниво укажуваат на тоа дека процентот на прочитани броила е во континуитет на високо ниво и просечното месечно ниво не е пониско од 87%,  а ова важи и за летните месеци јуни, јули и август кога вообичаено сметките се паушални. 

Граѓаните можат да видат дали нивното броило е прочитано или не во својата сметка, каде што ако стои ознака О се работи за прочитано броило, а ако стои ознака М се работи за паушално одреден износ. 

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни