Македонија

„АЛТА банка“ во центарот на финансиската бура: Што се случи за една недела?

„АЛТА банка“ во центарот на финансиската бура: Што се случи за една недела?

Случајот со „АЛТА банка“ неделава беше во фокусот на јавноста, откако проблемите со нејзиниот доминантен сопственик во Србија предизвикаа серија институционални реакции и во Македонија. Од одземањето на дозволата за работа на „АЛТА банка“ во Белград, преку воведувањето администрација во банката во Битола, до ограничувањата за клиентите и најавените олеснувања – случувањата отворија повеќе прашања за стабилноста на финансиската институција и судбината на нејзините клиенти.

Сè започна со одлуката на Народната банка на Србија од 31 октомври, со која на „АЛТА банка“ АД Белград ѝ беше одземена дозволата за работа. Неколку дена подоцна беше отворена стечајна постапка, а случајот доби дополнителна тежина по информациите за истрага на српското обвинителство за организиран криминал. Меѓу приведените беше и сопственикот на банката, Дaвор Мацура, кој е осомничен за присвојување околу 45 милијарди српски динари од трезорот на банката. Станува збор за сомневања што треба да бидат предмет на натамошна истрага и судска постапка.

Последиците од случувањата во Србија се почувствуваа и во Македонија, поради сопственичката поврзаност меѓу двете финансиски институции. Српската „АЛТА банка“ поседуваше 95,336 проценти од капиталот на „АЛТА банка“ АД Битола.

Поради новонастанатата состојба, Народната банка на Македонија на 1 ноември донесе одлука за воведување администрација во банката во Битола и ја повлече претходно дадената согласност за квалификувано учество на српската банка. Со оваа одлука управувањето беше преземено од тројца администратори именувани од Народната банка – Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска. Нивниот мандат е три месеци, во кои треба да се обезбеди заштита на имотот, интересите на штедачите и доверителите, како и стабилноста на работењето.

Од централната банка појаснија дека воведувањето администрација не значи затворање на банката, ниту автоматско активирање на механизмот за исплата на осигурените депозити. Напротив, според објавените податоци, „АЛТА банка“ Битола е ликвидна, високо капитализирана и располага со солиден квалитет на кредитното портфолио.

Сепак, за клиентите беа воведени привремени ограничувања. Одливните плаќања кон странство беа суспендирани, а повлекувањето готовина преку банкоматите беше ограничено. Ова предизвика загриженост кај граѓаните, особено кај пензионерите и оние кои секојдневно ги користат банкарските услуги за подмирување на своите обврски.

Во меѓувреме, Народната банка се обиде да ја смири јавноста, нагласувајќи дека средствата на клиентите остануваат евидентирани на нивните сметки и дека депозитите на физичките лица се осигурени до 30.000 евра согласно законските правила.

Дополнителна реакција следуваше по појавата на информации за наводни трансфери на големи суми пари од Македонија кон Србија и Русија преку „АЛТА банка“. Народната банка на 5 ноември објави дека, врз основа на детално анализираните податоци за 2025 година и периодот до октомври 2026 година, не се утврдени големи трансакции од таков карактер.

Според податоците, во 2025 година приливите од Србија изнесувале 2,2 милиони евра, додека одливите кон оваа земја достигнале 5,3 милиони евра. Во првите десет месеци од 2026 година, приливите изнесувале 6,2 милиони евра, а одливите 7,2 милиони евра. Од централната банка посочија дека станува збор за трансакции поврзани со редовното работење на клиентите. Во истиот период не биле евидентирани приливи од Русија, ниту одливи кон Русија.

Паралелно со институционалните реакции, започнаа и активности за обезбедување пристап до средствата на клиентите. Во филијалата во Битола беа организирани исплати за пензионерите кои немаат платежни картички. На 5 ноември биле услужени 556 пензионери, а исплатите продолжија и следниот ден. На сметките на банката беа префрлени и средства за исплата на социјална помош.

На 6 ноември Народната банка соопшти дека ќе следуваат и дополнителни олеснувања. Од понеделник, 9 ноември, се најавени шалтери во Тетово и Струмица, каде што клиентите без платежни картички ќе можат да подигнуваат до 20.000 денари. Дополнително, неделниот лимит за подигање готовина и плаќања со картички се зголемува од 10.000 на 15.000 денари. Предвидено е и целосно располагање со новите приливи од плати, пензии и социјални трансфери кои пристигнуваат од институции и компании со сметки во други банки.

Случајот во меѓувреме доби и политичка димензија. СДСМ побара надзорна расправа во Собранието за постапувањето на институциите и причините за воведувањето администрација, додека од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека опозицијата го политизира случајот и создава непотребна паника кај граѓаните. Комисијата за финансирање и буџет треба да расправа за ова прашање на 11 ноември.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, посочи дека постојат две можни сценарија за иднината на банката – пронаоѓање нов инвеститор кој би ја презел и консолидирал нејзината работа или, доколку тоа не се реализира, одземање на дозволата за работа и отворање стечајна постапка. Тој оцени дека средствата на банката се два до три пати поголеми од нејзините обврски и дека најголемиот дел од штедачите имаат депозити до 30.000 евра.

И покрај најавените олеснувања и уверувањата од Народната банка за ликвидноста на финансиската институција, случајот сè уште е отворен. Клучно ќе биде дали во наредниот период ќе се најде нов инвеститор, дали ќе се нормализира пристапот на клиентите до нивните средства и дали ќе се обезбеди долгорочно стабилизирање на работењето.

Случајот со „АЛТА банка“ покажа дека проблемите на една финансиска институција во странство можат да имаат директни последици врз домашниот банкарски систем, особено кога постои силна сопственичка поврзаност. Засега, банката во Битола продолжува да работи под администрација, но нејзината иднина ќе зависи од следните одлуки на регулаторот и решавањето на сопственичкото прашање.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни