Македонија

Од денеска нови уплатници и шифри за плаќање: Што се менува за граѓаните?

Од денеска нови уплатници и шифри за плаќање: Што се менува за граѓаните?

Од денеска, 9 ноември, почнува примената на новите правила во домашниот платен промет. Промените ги опфаќаат платните налози, шифрите за целта на плаќањето и начинот на означување на денарските платежни сметки.

Досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 се заменуваат со стандардизирани платни налози, со изменет изглед, распоред и називи на полињата.

Меѓу највидливите промени се новите кратенки:

  • ВГ — внесување готовина, наместо досегашниот ПП10;
  • ПГ — повлекување готовина, наместо досегашниот ПП40;
  • КТД — кредитен трансфер во денари, наместо досегашниот ПП30.

Се менуваат и шифрите со кои се означува целта на плаќањето. Досегашните нумерички ознаки се заменуваат со четиризнаковни алфанумерички шифри, составени од букви или комбинација од букви и броеви, согласно меѓународниот стандард ISO 20022.

На пример, досегашната шифра 262, за „Други неспоменати плаќања на правни субјекти“, се заменува со NOWS — „Ненаведено“.

Денарските платежни сметки ќе се користат во ИБАН-формат, со додавање на ознаката МК07 пред постојниот број. Со ова не се отвораат нови сметки и не се заменува постојниот број, туку се менува неговото означување.

Банките ги прават потребните технички приспособувања во електронското и мобилното банкарство, па граѓаните вообичаено ќе продолжат да ги внесуваат податоците за плаќање на досегашниот начин.

Измените се дел од усогласувањето на домашниот платен систем со меѓународните стандарди и регулативата на Народната банка.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни