Промени во постапката за отворање и продолжување на боледувањето се најавуваат од следниот месец. Според новите правила, матичните лекари врз основа на сопствена медицинска проценка ќе можат да одобрат отсуство од работа во траење до пет дена, наместо досегашните седум дена.
Доколку здравствената состојба на пациентот бара подолго отсуство, продолжувањето на боледувањето ќе зависи од исполнувањето на медицински критериуми утврдени според конкретната дијагноза. Во одредени случаи ќе бидат потребни и дополнителни медицински прегледи.
За пациентите со хронични заболувања ќе може да се користат и претходно изготвените медицински наоди, доколку тие сè уште се важечки и ја потврдуваат здравствената состојба.
Посебни правила се предвидени и за подолготрајните боледувања. За отсуство од работа подолго од 60 дена, како општо правило, ќе биде потребно заедничко мислење од тројца специјалисти. Сепак, предвидени се исклучоци за одредени тешки заболувања.
Од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат дека матичните лекари ја задржуваат надлежноста да одобруваат боледување до 15 дена, додека за подолг период одлучува лекарска комисија.