Билансот од двете тешки верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија се зголеми на 11 загинати и 48 повредени лица. Ова го соопшти бугарскиот премиер Румен Радев, кој најави итно ангажирање на владините авиони за транспорт на повредените до болниците во Софија.
Радев изјави дека за трагедијата дознал додека патувал со владиниот авион кон Варна. Веднаш по слетувањето, му дал инструкции на министерот Демерџиев да го испрати владиниот авион во Бургас за да помогне во евакуацијата на повредените.
Според него, на аеродромот во Бургас слетале и два авиона од типот „Спартан“, опремени со носила и медицински екипи, кои треба да учествуваат во транспортот на повредените.
„Сакам да изразам искрено сочувство до семејствата и блиските на оние што ги загубија животите во оваа ужасна несреќа на автопатот ‘Тракија’“, изјави Радев.
Поради трагедијата, бугарскиот премиер ги откажал сите планирани активности во Варна, вклучително и настаните по средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Откажана е и денешната седница на Советот на министри.
Радев ѝ се заблагодарил на фон дер Лајен за разбирањето, а претседателката на Европската комисија исто така изразила сочувство до семејствата на загинатите.
Бугарскиот премиер најавил дека заедно со министерот за одбрана ќе замине кон Бургас, Сливен и Јамбол, каде што ќе се запознае со состојбата по тешката сообраќајна несреќа.